Предизвик за човештвото од светски размери е намалувањето на емисијата на CO2. Инженерите се едногласни како тоа да се реализира. Единствен начин е проектирање на колку што е можно енергетски поефикасни погонски постројки и воопшто, машински системи. При користењето на таквите постројки (агрегати, мотори со внатрешно согорување за погон на автомобилите и камионите, ....) се добива повеќе механичка енергија од иста количина погонско гориво, а тоа директно води кон намалување на емисијата на штетни гасови, а меѓу нив и CO2. Така, може да се каже дека денес автомобилската индустрија, за да ги задоволи сè построгите еконорми, проаѓа низ период на промени без преседан. Компјутерската технологија се користи до максимум при управувањето и надзорот на разните системи во возилата, новите материјали (лесни легури, карбонски влакна и др.) наголемо се користат во сериското производство, а новите технологии овозможуваат уште помала емисија на CO2.
Се разбира, и шведски SKF е вклучен во овие процеси. Со големата понуда на специјални високоефикасни лежишта и приспособливи затинки за моторно масло, намалени се отпорите што ги предизвикуваат овие елементи, а тоа директно се одразува на намалената емисија на CO2. И уште повеќе, денес SKF нуди цел еден асортиман на производи коишто се во функција на поголема ефикасност на механичкиот систем (поединечни лежишта, затинки, лежишта со сензори итн. па сè до комплетни решенија на погонските системи). Исто така, развиен е и патентиран софтвер којшто ја пресметува заштедата на CO2 за постојниот и идниот принципиелен погонски систем. Ова е голем успех затоа што овозможува споредба на некои клучни параметри што се однесуваат на загадувањето на животната средина.
Природно е решенијата да се бараат во производството на возила и погонски системи од новата генерација кои се одликуваат со намалено триење и намалена маса, ја намалуваат штетната емисија, ја зголемуваат ефикасноста на горивото, а со тоа се и поконкурентни на исклучително динамичниот пазар. Со еден збор, целата наука и сите расположливи креативни сили се впрегнати за да се зголеми ефикасноста при искористувањето на погонските горива и решенијата за тоа без пардон се бараат фронтално, на целиот систем. Ниеден склоп, ниеден дел, а и ниедна завртка не е изземена при реализацијата на овие суштински подобрувања што живот значат за човештвото и за планетата Земја.