Рубрика: Биологија
Астробиологот Милтон Веинрајт во Македонија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.09.2014 - 12:02

Од 28-ми септември до 4-ти октомври во Македонија престојува еден од најпознатите астробиолози, Милтон Веинрајт (Milton Wainwright). Главната цел е собирање на примероци од повеќе екстремни средини (нетипични и непогодни за живот) и понатамошно истражување дали во нив живее некоја бактерија или друг микроорганизам. Со испитување на микроорганизмите во екстремните средини, може да се претпостави каква бактерија би можела да живее во вселената и со кој механизам преживува и се приспособува на средината. Ќе се земат примероци од Алшар, Косел, повеќе топли (вулкански) води на Кожуф, површини богати со арсен, а се планира и од повеќе рудници низ Македонија со цел да се пронајдат бактерии внатре, во самата руда.
Моментално, главно поле на истражување на Веинрајт е нео-панспермијата. Теоријата на неопанспермијата подразбира дека животот дошол и продолжува да доаѓа од вселената и дека сè уште има микроби кои што доаѓаат на Земјата од вселената. Веинрајт работи во Одделот за молекуларна биологија и биотехнологија на Универзитетот Шефилд (Department оf Molecular Biology and Biotechnology), каде што предава микробиологија и астробиологија. Член е на Кралското астрономско друштво, а почесен професор е на Универзитетот на Кардиф (Велс), Универзитетот на Кралот Сауд (Саудиска Арабија) и Универзитетот на Бакингем (Англија). Има неколку значајни откритија од областа на микробиологијата (бактерии и други микроби коишто предизвикуваат рак и др.), а има предизвикано и многу контроверзии со тврдењата (и докажувањето) дека Чарлс Дарвин ја украл идејата за еволуцијата, за тоа како животот на Хитлер бил спасен со пеницилин (кој во тоа време бил недостапен), и многу други работи за историјата на пеницилинот и стрептомицинот. Со астробиологија почнал да се занимава пред повеќе од една декада, проучувајќи го црвениот дожд во Керала, Индија (Red rain in Kerala 2001), кадешто пронашол бактерија во стратосферата, на 41 километар од површината на Земјата. Се смета дека бактериите може да преживеат на максимум 10 километри од почвата и бактерија со таа големина не може да опстои на таа височина. Меѓу другото, докажал дека таа бактерија е жива и пронашол повеќе бактерии што живеат во стратосферата (меѓу кои и досега непознати видови), кои според сите математички пресметки, според нивната големина, невозможно е да стигнат таму од површината на Земјата (се работи за височина 4 пати поголема од таа на која летаат авионите). Во врска со медицината, познат е по пронаоѓањето на бактерија која има 2 вида надворешни обвивки и предизвикува некои од видовите на рак, но поради нејзината обвивка, тешка е за детектирање и создава забуна.
Веинрајт во моментов се занимава со проучување на можноста метеорите и астероидите при нивното минување низ и покрај атмосферата на Земјата да оставаат микроби во стратосферата. Последното негово големо откритие беше во септември 2013 година, кога повторно пронајде живот во стратосферата и ова откритие буквално го потресе светот и сите светски медиуми пишуваа за него. Многумина ова го протолкуваа како прв директен доказ дека животот на Земјата дошол од вселената.
Професорот Милтон Веинрајт ќе одржи и предавање на Природноматематичкиот факултет во четврток со почеток во 12 часот и 15 минути. Во наредниот број ќе може да го прочитате и интервјуто коешто ЕМИТЕР ќе го направи со него.