Агендата во третиот, а воедно и последен ден на ИДФ 2014 не беше исполнета со мега-сесии како претходните два дена, па тоа ни даде можност да посетиме некоја од техничките сесии, како и да ги разгледаме производите изложени од стана на Интел и нивните партнери.
Денот започна со интервју со Мајкл С. Мелоун (Michael S. Malone) кој е автор на книгата The Intel Trinity: How Robert Noyce, Gordon Moore and Andy Grove Built the World’s most important company. Во едночасовната сесија, Мелоун даде краток преглед на тоа што може да се прочита во неговото дело, фокусирајќи се на значењето на ова партнерство како за корпорацијата Интел, така и за генерално за ИТ индустријата и како вербата во познатиот Муров закон е она што со години ја движи компанијата.
По интервјуто поврзано со неговата книга, Мелоун заедно со Женевив Бел (Genevieve Bell) и Пол Бергевин (Paul Bergevin) одржаа панел дискусија за тоа во кај правец ќе се движи развојот на Силиконската долина. Иако во својата дискусија не открија која компанија ќе биде следниот Facebook или Google, панелистите се согласија со насоката која ја наметнува Интел – дека во следните години фокусот ќе биде во развој на уреди кои ќе се поврзуваат во глобалната мрежа со цел да придонесат во процесот на прибирање на податоци за поддршка на напредна податочна анализа. Правецот во кој ќе се одвива развојот на т.н. wearables, е еден од фактори за генералниот развој на ова поле. Сепак, како ќе се развива пазарот на технолошки надградениот накит, гардероба или обувки, не зависи само од ИТ индустријата, туку и од партнерствата кои ИТ компаниите ќе ги оформат со модната индустрија.
Во текот на овие 3 дена се одржаа преку 120 технички сесии. За жал физички не беше изводливо да се присуствува на поголем дел од нив. Сесиите генерално беа фокусирани на архитектурата на решенијата на Интел, а имаше и солиден број на hands-on сесии во кои иноваторите и развојните инженери можеа да научат како да ги искористат технологиите на Интел за развој на апликации и свои вертикални хардверски решенија. Повеќе детали за сесиите кои ги посетивме ќе има во склоп на извештајот за ИДФ 2014 кој ќе биде дел од следниот број на ЕМИТЕР.
Покрај мега-сесиите и техничките предавања, посетителите на ИДФ2014 имаа пристап и до своевиден мини-саем каде Интел и неговите партнери ги презентираа своите уреди и апликации. За применливоста на производите на Интел во голем број на индустрии говори и фактот што во овој дел од ИДФ можеа да се видат партнерски решенија од типот на системи за управување со податочни складови, преносни компјутери и таблети па се до паметни инвалидски колички, паметни буриња за пиво и системи за автоматизација на производствени погони. Наскоро на страниците од ЕМИТЕР очекувајте повеќе детали за овие производи - особено за паметното пивско буре –☺!
Со ова го завршуваме преносот во живо од ИДФ 2014, па се читаме во следниот број на ЕМИТЕР каде ќе следи детална репортажа од овој одличен настан.