Рубрика: Информатика
Интел девелопер форум Сан Франциско 2014 - ден 2
Автор: Костадин Солаков
Објавено на 11.09.2014 - 14:04

Вториот ден на ИДФ2014 започна со мега-сесијата на Дајен Брајант (Diane Bryant), во која се надоврза на можностите коишто се отвораат во областа на податочните центри и како Интел создава процесорска архитектура дизајнирана и оптимизирана за потребите на податочните центри и податочната аналитика. Сесијата ја започна со осврт на трите точки кои, според Интел, ќе ја дефинираат иднината на податочните центри:
– Податочните центри ќе бидат целосно оптимизирани според реалните побарувања од корисниците;
– Инфраструктурата ќе се дефинира од страна на апликациите кои се извршуваат врз неа;
– Податочната аналитика ќе биде присутна во секоја област.
Како и на претходните мега-сесии, така и на оваа можевме да видиме практични примери за тоа како партнерите ја користат платформата понудена од страна на Интел за развој на вертикални решенија со кои ја поддржуваат насоката дадена од Интел.
Покрај партнерите, Брајант во склоп на оваа сесија на сцена ја покани и Пети Кумро (Patty Kummrow) – Директор за развој на серверски SoC, и заедно го презентираа новиот Xeon D, кој всушност претставува трета генерација на Интеловите Систем-на-чип (SoC) уреди.
Следуваше дискусијата за инфраструктурата дефинирана од страна на апликациите што се извршуваат врз неа, каде Интел главно се фокусира врз податочните складишта, како една од областите што имаат голем раст во последните 5 години. На ова поле Интел се фокусира на 2 активности:
– Дефинирање на ISA-L (Intel Storage Acceleration);
– Инвестиции во слободен софтвер и стандарди во склоп на Ceph и OpenStack.
И на крајот од оваа мега-сесија, дискусијата се насочи кон податочната аналитика, како еден од клучните атрибути за иднината на податочните центри. Според Брајант, зголеменото присуство на податочната аналитика ќе овозможи подобрување на градовите, откривање нови терапии во медицината, намалување на трошоците, како и подобрување на производите. Фокусот на Интел е да ја овозможи податочната аналитика на секое поле и за таа цел има тесна соработка со заедницата Hadoop, oсoбeно со Cloudera.
Покрај сесијата на Дајен Брајант, свое едночасовно излагање во форма на мега-сесија имаше и генералниот менаџер на Групата за кориснички системи, Кирк Скаген (Kirk Skaugen). Во своето излагање ги презентираше иновациите што Интел ги има направено на полето на микропроцесорите, особено со новиот Core M, со кои практично е овозможена изработката на популарните уреди 2-во-1. Скаген уште еднаш повтори дека комплетното елиминирање на каблите кај персоналните компјутери, вклучувајќи ги мрежните кабли, видео и аудиокабли, кабли за напојување и полначи за преносни компјутери се наоѓа високо на агендата на Интел и треба да стане реалност со новата Skylake архитектура која треба да се појави на пазарот во 2015 година. Очекувањата за Skylake се големи, и според Скаген, влијанието што оваа архитектура ќе го има врз индустријата на персонални компјутери ќе биде поголемо од она на Centrino архитектурата врз преносните компјутери.
Продолжувајќи со тоа што останато планираат од отстранат со цел да го подобрат корисничкото искуство при работа со уредите со Интел чип, Скаген ја почна дискусијата за новата vPro технологија која треба да овозможи обработка на биометриски податоци со цел да се елиминира потребата од најава со лозинка.
По завршувањето на мега-сесиите, претставниците на медиумите имаа можност да се запознаат со Џими (Jimmy) – социјалниот робот. Презентацијата ја одржа футурологот на Интел, Брајан Дејвид Џонсон (Brian David Johnson) кој зборуваше како е дојдено до она што Џими претставува денес, како и за тоа која е замислата Џими да биде претставен како платформа што иноваторите може да ја приспособат на своите потреби. Повеќе за Џими ќе прочитате во следниот број на ЕМИТЕР.
Толку за денес – утре е последен ден на ИДФ, бројот на сесии е помал, па ќе можеме да се посветиме на дел од техничките сесии како и на она што се презентира во технолошката сала од страна на Интел, партнерите и движењето на Креаторите.