Сакаше да ги допре ѕвездите, да го дофати небото, затоа и тргна кон височините. Но небото е повисоко од нив, а височините се вечност над која ѕвездите го отсликуваат својот сјај. Тој сепак ја постигна својата цел, се искачи на височините и посегна по сјајот на ѕвездите и се вброи во нивната вечност. Но би додал и дека тој беше првиот Македонец кој се искачи на највисокиот врв на светот, на Монт Еверест (8848 m) и го постави македонското знаме, но за жал, остана засекогаш во височините за кои постојано мечтаеше.
Во организација на планинарскиот спортски клуб ПСК “Пелистер” и локалната самоуправа на град Битола, се одржа 25. јубилејна манифестација ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ – МУРАТО, првиот македонец што го освои највисокиот врв на светот – Монт Еверест. По тој повод се организираа повеќе манифестации и со право можам да констатирам дека ова беше една од најдобро организираните манифестации по тој повод, со богата програма. На 6. мај во 19 ч. беше отворена изложба на фотографии – “Ретроспектива на минатите маршеви” – КЦ Магаза – Битола. Веќе наредниот ден, на 7.5.2014, во 19 часот проф. д-р. Сашко Кедев во просториите на народниот театар Битола одржа презентација “Седумте светски врвови”. Многу ипресивна презентација од искусниот планинар и алпинист проф. д-р. Кедев каква што досега не сум имал можност да видам и да слушнам. Едноставно, имавме чуство како да сме на планинските врвови што ги освои, а го почуствувавме и го слушавме звукот на мразот и на глечерите што крцкаат. На 8.5.2014 година водичот на македонската хималајска експедиција во 1989 г. Јован Поповски одржа трибина, на која исцрпно ги информира присутните во преполнетата сала. На крајот на излагањето, на членовите од семејството им го предаде оригиналниот сертификат со кој се потврдува искачувањето на Димитар Илиевски-Мурато на Монт Еверест. Многу солзи, емоции, но и интерес од помладите генерации за овој несекојдневен подвиг на првиот Македонец од Битола. Сите ние кои го познававме и се дружевме со него без здив слушавме и го впивавме секој изустен збор за и околу експедицијата. На 10 мај 2014 година, со организиран превоз до инфоцентарот беа пренесени учесниците на маршот со цел да се одржи пригоден говор, комеморација и да биде положено свежо цвеќе на споменикот на Димитар Илиевски-Мурато, кој се наоѓа на врвот на Пелистер. Ниту снегот, ниту непогодните временски услови не ги спречија учесниците на маршот од цела Република да се искачат и да му оддадат достојна почит на великанот.
На крајот, сакам да искажам благодарност за организаторот, планинарскиот спортски клуб ПСК “Пелистер” – Битола, за извонредната организација и посебно за сите учесници кои дадоа свој придонес овој јубилеј да се одбележи на најдобар можен начин. Веројатно во иднина ќе земат учество и многу други планинари кои се обиделе или успеале да освојат високи врвови во светот, а оваа манифестација ќе продолжи со несмалено темпо.