Пластичното макетарство е хоби со кое што се занимаваат мал број на луѓе во Македонија и покрај тоа што своевремено ЕМИТЕР објави повеќе статии на таа тема. Една од главните причини за тоа е недоволната запознаеност на луѓето со ова хоби. Поради тоа група ентузијасти се одлучи дел од своите дела да ги изложи со цел пошироката јавност непосредно да се запознае со ова хоби.
Првата изложба на макети и диорами, чиешто свечено отворање е закажано за утре, 29-ти април, точно на пладне во Музејот на македонска борба за државност и самостојност, сите заинтересирани ќе може да ја посетат од 29-ти април до 4-ти мај, се разбира оваа година. На изложбата ќе можете да ги видите делата на самостојните макетари Драган Цветиќ, Михајло Ивановски, Славчо Георгиевски, Александар Стојановски - Чули, Душко Кировски и Бојан Јанковски. Дел од овие неколкумина макетари се веќе наградувани во своите категории на повеќе балкански натпреварувања.
Изложените макети ќе го опфаќаат периодот од крајот на Првата Светска Војна до денес, а експонатите ќе бидат во различни размери. Притоа најмалите ќе бидат во размер од 1:144, додека најголемите во размер од 1:35.
Првата изложба на макети и диорами, претставува обид граѓаните да се запознаат со пластичното макетарство кое, како хоби, датира од 20-тите години на минатиот век. Ова хоби е доста популарно и распространето во светот, додека кај нас има мала публика што се должи главно на незапознаеноста на луѓето.
Станува збор за прва изложба од ваков тип во Република Македонија, којашто независно ја организираат неколкумина ентузијасти, без никаква финансиска помош од која било институција или претпријатие.
Со оглед на тоа што влезот ќе биде слободен, навистина нема да имате оправдување доколку сте заинтересирани, да не го посетите овој настан.