Рубрика: Информатика
Започнува НАСА Спејс Апс Челинџ Македонија 2014
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 09.04.2014 - 14:12

На 11, 12 и 13 април во Скопје ќе се одржи хакатонот “НАСА Спејс Апс Челинџ Македонија 2014” (NASA Space Apps Challenge Macedonia 2014). Се работи за интернационалнен настан во кој учество земаат тимови од технолози, научници, програмери, дизајнери, артисти, претприемачи и студенти низ целиот свет, соработуваат и се поврзуваат со јавно достапни информации за да дизајнираат иновативни решенија за глобални предизвици.
Во Македонија овој настан се организира по втор пат а како коорганизатори за прв пат се вклучени вкупно четиринаесет студентски организации, како СП ФИНКИ, СП ФЕИТ, СП МФС, IAESTE, EESTEC, СП УКМ, BEST Скопје, СП УКЛО, два Студентски Парламенти на Државниот Универзитет-Тетово, ИЛУМИНЕ, ESTIEM, DECA, Скопско Астрономско Друштво. Целата техничка поддршка потребна за овој дводневен настан, која подразбира Optic Giga услуга со брзина од 1Gbps како и Wi-Fi интернет пристап на сите три спрата на локацијата на одржување на настанот, годинава ќе биде обезбедена од страна на Македонски Телеком.
Настанот поттикнува иновативно решавање на проблеми преку масовна колаборација со цел креирање на open-source решенија за глобални предизвици.
„Учесниците на овој настан ќе имаат уникатна можност да работат на предизвици зададени од страна на NASA заедно со ментори и експерти од Македонија и светот, со други талентирани учесници, со податоци кои ќе бидат ставени на располагање специјално за ова случување, се со цел младите да стекнат вредни искуства и да креираат значајни решенија. Она што е интересно е дека за време на двата дена наптреварувачите ќе работат на натпреварот цели 48 часа каде ќе се случи директен видео стриминг со центарот на NASA во New York, каде што ќе се разговара со главниот научник на NASA- Ellen Stofan, заменик директорот за информации на NASA- Deborah Diaz, двајца астронаути– Dough Wheelock и Paulo Nespoli и со директорот на програмата за предизвици и награди – Jen Gustetic. Среќни сме што големината и значењето на овој настан ја препозна Македонски Телеком и целата техничка поддршка за директниот видео стриминг ќе се одвива со наша помош во Њу Менс Бизнис Акселератор (New Man’s Business Accelerator) во соработка со главниот лид на проектот Ирена Чаушевска и студентските организации, изјави Анита Кирковска организациски секретар на Студентски Парламент на ФИНКИ и член на организациски одброр на НАСА Спејс Апс Челинџ за Македонија.
Оваа година членовите на тимовите го направија својот избор од над 50 предизвици на следните 5 теми: технологијата во вселената, летови на човекот во вселената, астероиди, набљудување на Земјат и роботика. Во 2013 година, на настанот учествуваа вкупно 9147 учесници, а беше одржан во 83 градови, 44 држави и беа направени вкупно 770 апликации. Оваа година истиот ќе се реализира во 100 градови низ целиот свет, а во Македонија беа пријавени 300 учесници, од кои 150 беа избрани да бидат дел од овој интернационален настан и да го изнесат своето решение на светско ниво.
За подетални информации посетете ја официјалната страна каде што веќе се изложени предизвиците, менторите и тимовите кои што ќе заземат учество на овој настан:
2014.spaceappschallenge.org

Клучни зборови: