Вчера, по четврти пат, беше доделено признанието "Најдобар млад научник" кое секоја година го доделува Претседателот на Република Македонија, како поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија.
Годинава наградата ја доби Петар Стојанов кој со неполни 26 години е најмладиот добитник на ова признание досега. Петар Стојанов работи во Harvard Medical School на полето на биоинформатиката.
Свеченото доделување на наградата се одржа синоќа, а на настанот присустуваа и министерот за образование г. Спиро Ристовски, повеќе истакнати научни работници од земјава, членови на семејството на добитникот како и претставници на медиумите. Во своето обраќање до присутните претседателот Ѓорге Иванов го истакна значението на наградата “Најдобар млад научник” во развојот на младата македонска научна мисла. Притоа тој додаде:
“Нашите млади научници можат да се натпреваруваат со знаење и со креативност насекаде и со секого. Токму меѓусебната соработка на нашите научници, кои работат во странство, со оние што живеат и создаваат во Република Македонија ќе донесе вредност повеќе за нив самите, за македонската наука и за севкупното македонско општество. Во денешниот глобален и меѓузависен свет сите научници, без разлика од каде доаѓаат и каде работат, имаат можност за рамноправна промоција и презентација.”
При приемот на признанието овогодинешниот добитник Пеатр Стојанов им се заблагодари на неговите роднини, пријатели и колегите од Броуд Инститјут и изрази надеж дека ова признание ќе помогне уште поцврсто да се поврзе со македонскиот академски свет.
Притоа тој подвлече: “Би ми било големо задоволство да допринесам на било кој начин за напредокот на науката и образованието во нашата земја и се надевам дека ќе ми се укажат шанси за тоа.”
Поранешни добитници на ова признание се: м-р Никола Златанов за 2010 година, д-р Трифче Сандев за 2011 година и м-р Катерина Бачева за 2012 година.
Поопширeн напис и интервју со г. Петар Стојанов - најдобриот млад научник за 2013 година, ќе можете да прочитате во априлскиот број на ЕМИТЕР.