Очигледно е дека ниту дизелските мотори не се она што беа пред 10-20 години, а за уште подалеку во минатото, да не се ни присетуваме. Од релативно бучни и тромави влечни машини, се претворија во чисти динамични машини кои во речиси сите параметри успешно се носат со модерните бензински мотори за автомобилите. Тоа се должи на напредокот и развојот на многу системи од овој мотор, како и на развојот на моторот во целина. Но, неколку моменти се најбитни, а ќе ги споменеме во продолжение.
1. Намалувањето на емисијата на азотни оксиди (NOx) во последниве десетлетија беше императив за хемиските инженери од Бош кои се занимаваат со проблематиката на согорувањето. Имено, во периодот од 1990 до денес, емисијата на NOx од дизелските мотори е намалена за цели 96%. Огромен успех, огромен придонес во напорите за почиста и поздрава животна околина.
2. Благодарение на турбополначите со променлива геометрија, кои денеска се стандарден додаток на дизелските мотори, овозможен е голем вртежен момент, и тоа почнувајќи од ниските брзини на вртење па сè до највисоките.
3. Клишето за бучни и нечисти дизелски мотори денес е минато. Современите дизелски мотори се култивирани во својата работа и многу чисти. Тоа го покажуваат резултатите од тестирањата и деталните испитувања на овие мотори во реални услови на експлоатација.
4. Системите за прочистување на издувните гасови, како што се Denoxtronic, кои исто така ја намалуваат емисијата на NOx, придонесуваат дизелските мотори да ги задоволат и најстрогите еко-прописи, како што се нормите EURO 6.
5. Дизелските мотори од неатрактивни влечни мотори се претворија во модерни и динамични погонски агрегати за автомобилите. На пример, во 1997 година само 22% од автомобилите во Западна Европа биле опремени со дизелски мотори, а денеска таа бројка е 50%. Исто така, денеска во Германија секој втор автомобил е со дизелски мотор со тенденција на натамошно наголемување на застапеноста на дизелскиот погон. Тоа значи дека иднината на овие агрегати е светла.
6. Денеска веќе е можно со компактен автомобил со дизелски мотор релацијата од Франкфурт до Рим да се помине со еден резервоар со гориво. Притоа, моторот емитира помалку од 100 грама CO2 по километар. Ова значи дека современите дизелски мотори се исклучително штедливи и чисти.
7. Дизелските мотори можат да се комбинираат со електрични компоненти од кои се направени хибридните автомобили. Помеѓу поновите такви модели кои можат да се пофалат со таа технологија се Peugeot 3008 HYbrid4 и Volvo V60.