Smartwine, првиот од петте победнички проекти на конкурсот за иновации на Македонски Телеком и Т-Мобиле излезе на пазарот. Smart Wine е интелигентен мониторинг систем за лозови насади, со кој се автоматизира процесот на производство на грозје и се олеснува производството на вино.
Проектот е реализиран со конкурсот за иновации на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, преку кој со инвестиција во вредност од 100 000 евра се реализираат петте најиновативни проекти.
Smartwine е решение базирано на cloud со сензорска мрежа што се поставува на насадите. Овозможува 24 часовен мониторинг систем што во реално време информира за состојбата на лозовите насади. Во случај на можни ризици од болести на растението, суша и мраз, системот го алармира корисникот да ги преземе потребните мерки. Smartwine е целосно еко решение, затоа што ја зголемува ефикасноста, го олеснува процесот на производство, штеди енергија, вода и хемикалии.
Smartwine се издвојува и по тоа што освен што е применлив и на други земјоделски гранки, истовремено е лесно применлив на кој било пазар во светот, што го прави и интернационално интересен.
Уште пред комерцијалниот старт, Smartwine ќе биде презентиран на меѓународниот саем за иновативни проекти - CeBit во Хановер.
Проектот е развиен од Институтот за телекомуникации при Факултет за електротехника и информациски технологии Универзитет “Св. Кирил и Методиј” – Скопје.
Конкурсот за иновации на Македонски Телеком и Т-Мобиле почна во декември 2012 и траеше до февруари, 2013, а за овој период се пријавија 78 иновативни идеи од Македонија. Ваков конкурс за иновации во март, 2013 објави и Дојче Телеком, под име “Телеком предизвик” со повик за иновативни идеи и проекти на ниво на групација. Од 444 проекти од 45 земји, Македонија учествуваше со 38 предлози, од кои 4 влегоа во финале.
Целта на конкурсот е создавање на мрежа на нови иноватори, што ќе придонесе за развој на е-општеството и на крајот за подобрување на севкупната македонска економија. Истовремено, станува збор за стратешки пристап на Дојче Телеком, за што е можно поширока понуда на иновативни услуги, што може да се реализира само преку отвореност и партнерства.