Рубрика: Роботика
RoboMac 2014 од 2. до 9. март
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.02.2014 - 12:15

Годинава по петти пат ќе се одржи семинарот за роботика RoboMac, чија цел е популаризација на роботиката меѓу студентите од Македонија и Европа. Некои од целите на RoboMac се: овозможување на практична работа од областа на роботиката; меѓусебна размена на знаења и искуства од оваа област меѓу домашните и странските учесници; приближување на роботиката кон средношколците итн.
На семинарот, кој ќе се одржи од 2. до 9. март, учество ќе земат 40 домашни и 40 странски учесници, кои по четиридневната обука ќе си ги одмерат силите на финалниот натпревар.
Во рамките на RoboMac 2014, предавања ќе одржат истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката, кои ќе им го пренесат своето знаење на учесниците.
Учесниците во текот на семинарот ќе присуствуваат на предавањата, а истовремено ќе работат во меѓународни мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар. Како и секоја година, сè со цел да се задржи трендот на иновативност и внесување новитети во натпреварувањето, и оваа година ќе се промовира нова категорија – Right Target. Целата манифестација ќе кулминира на 8. март, кога ќе се одржи финалниот натрпеварот во Домот на АРМ и ќе бидат прогласени победниците во категориите:
Сумо – два робота се борат меѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот;
Роботска рака – да се истакнат прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака;
Хуманоид – се оценува комплексноста на изведената точка;
Трка – роботи кои следат линија ќе се тркаат на патека;
Right Target – роботите поминуваат по одредена шема пребарувајќи го точниот распоред на балони кои треба да ги дупнат по однапред зададен редослед.
Пријавувањето за учество на настанот ќе трае во перодот 10-16.2.2014 г., на официјалната страна на RoboMac 2014 – robomac.eestec-sk.org.mk, каде што може да најдете и подетални информации.
RoboMac 2014 е во организација на на три студентски организации, сите активни на техничкиот кампус на УКИМ (Студентски огранок на македонската секција на ИЕЕЕ, ЕЕСТЕК ЛК Скопје и Студентски парламент на ФЕИТ).

Клучни зборови: