За да дознаеме како ќе изгледа видеопродукцијата во 2020, познавачите на оваа проблематика велат не е потребна кристална топка! За да дознаеме што ќе се случи утре, доволно е да погледаме што се случува денес. Повеќе од јасно е дека идните технологии ќе се базираат на преземање информации со инстант streaming видео, безжично, како и вршење на сите функции само со допир на прст. Квалитетот на сликата ќе биде се разбира, подобар од овој во 2013, а одредени контроли на камерата ќе се вршат со очите на снимателот. Најверојатно нема да има некои револуционерни технолошки откритија, и за многумина експерти иднината на видеопродукцијата нема да се разликува од она што го имаме денес.
Единствено што ќе се промени е што одредени компании и брендови чии производи ги полнат штандовите на сите саеми, денес ќе ги снема, а на нивно место ќе дојдат мали непознати компании. Иако некои од овие гиганти ќе опстојат, приматот ќе го земат мали флексибилни фирми коишто ќе понудат мали камери што снимаат под вода, камери на кои лесно им се менуваат објективите, камери што даваат одлична слика и автоматски се нагодуваат, софтвери за уредување кои не бараат претходно големо предзнаење и искуство и друго. Впрочем, и денес ваквите производи добиваат награди и од стручните жириа и од консументите.
Иднината е речиси тука, но сепак некои нешта ќе ги нема. Ќе ги нема маусот и тастатурата. Тие нема да бидат потребни бидејќи сè ќе функционира на допир, и нагодувањето на уредите, и функционирањето, и продукцијата и постпродукцијата и емитувањето... Видеосигналот ќе го добивате дома и ќе го уредувате, ќе снимате, архивирате и ќе го дистрибуирате низ домашните уреди...
Снимањето ќе биде едноставно и нема да има потреба да се грижите дали камерата се тресе, дали е нагодена... сè ќе се реализира автоматски. Уште пред да се врати детето од учеството на некоја приредба, родителите веќе ја објавиле снимката на YouTube. Уредите ќе бидат сите со одлични перформанси и речиси ќе нема делење на професионални и уреди за широка потрошувачка.
И уште нешто кога сме кај иднината, но и кај минатото. Интересен е фактот што ако погледате назад во минатото, ќе забележите години и периоди кога се случувале многу откритија и периоди кога навидум ништо не се случувало! Како и да е, непобитен е фактот што во последниве десетина години се случија многу нешта. Можеби на повидок е помирен период, барем што се однесува до овој домен.