Грозјето е добар извор на витамин Ц, содржи и фосфорна киселина, а освен Б 12, ги има сите Б-витамини, кои се важни за измена на јаглеродните хидрати и поволно влијаат на нервниот систем. Зрната грозје содржат магнезиум, манган и калиум.
Грозјето е многу вреден извор на биофлавоноиди кои содржат исклучителен антиоксидациски потенцијал, односно ги штитат клетките од штетното влијание на слободните радикали. Неферментираниот сок од грозје, кој се употребува уште од времето на старите Римјани, се користи за подготовка на некои од светски најпознатите видови сенф.
Многубројни докази покажуваат дека полифенолите присутни во виното благотворно делуваат на здравјето на срцето. Во новата студија, истражувачите од Универзитетот во Конектикат утврдиле дека и грозјето со своите компоненти, полифеноли, исто така има заштитно дејство на срцето. Полифенолите од грозјето делуваат на два начина: ги собираат и ги деактивираат слободните радикали, го редуцираат создавањето на малондиалдехиди, нуспроизвод на оксидацијата. Докажано е дека консумацијата на грозје го подобрува протокот на крв бидејќи го спречува собирањето на црвени крвни клетки во садовите, го подобрува капацитетот на срцето и го намалува уништеното ткиво по срцев удар.
Консумацијата на сок од грозје има троен ефект: го подига нивото на нитрооксиди кои помагаат во намалување на затнувањето на садовите, ја намалува агрегацијата на црвени крвни клетки и го зголемува нивото на алфа-токоферол, кој како антиоксиданс ги зголемува антиоксидациските својства на крвната плазма за 50 проценти.
Фенолната состојка ресвератрол во обвивката на грозјето го инхибира дејството на протеините кои учествуваат во регулација на клетките и ензимите и хормоните кои придонесуваат за зголемен притисок и болести на срцето. Ако се појават проблеми со притисокот, чаша вино за ручек или вечера може да влијае на намалување на ризикот од срцеви болести. Имено, жителите на Северна Европа и Америка имаат многу поголем ризик за срцеви заболувања од жителите во медитеранските подрачја.
Ресвератролот исто така покажува исклучителни инхибициски својства на клеточно ниво во почетоците од создавањето на рак на простатата, белите дробови, црниот дроб и на дојката. Како антиоксиданс, тој дејствува при заштита на белите дробови од болести поврзани со пушењето.
Обвивката на зрнцата ја подобрува работата на цревата и го отстранува запекот, воедно отстранувајќи го вишокот вода од телото, ги отстранува отровите и ги врзува мастите. Грозјето е идеално за есенски диети. Се забрзува протокот на урина низ бубрезите, меурот и низ мочните канали. Грозјето делува како природен тоник за организмот, а освен тоа е исклучително хранлива намирница. Семките треба внимателно да се изџвакаат бидејќи во нив се наоѓа активен елемент кој делува на намалување на холестеролот.