Во најновиот број на ЕМИТЕР ви донесуваме повеќе супер предлози за невообичаени новогодишни подароци – од часовник на вода, преку проектор за мобилен телефон, па сè до невообичаени месички за во дневна соба. Ваше е да одберете и да ги изненадите вашите најмили. Во меѓувреме, еве еден гаџет кој никого нема да остави рамнодушен, а за останатите... набавете го декемврискиот број на ЕМИТЕР.
Е, на ова ќе "одлепите" сите вие кои немате поим (а ни слух, најверојатно) за свирење гитара! Нема врска? Има, и тоа како, нема врска вашето инаетење. А (некако) да ви докажеме, ве предизвикуваме да ги облечете овие маици. Нема да станете Џо Сатриани, ниту пак Кејт Мун, но можете доообро да го забавувате друштвото, па и да заработите некоја паричка стоејќи на аголот од улицата или на плоштад, низ ГТЦ…
Во суштина, се работи за додаток што се лепи врз најобична маица, а поврзан е со мини-засилувач. На додатокот се насликани полиња од вратот на електрична гитара и на секое поле е наведен по еден акорд. За да отсвирите акорд, потребно е со левата рака да го пипнете соодветното поле, а со десната да "трзнете" како да свирите на вистинска гитара. Со тоа се создава полн акорд, со добро одмерено ниво на дисторзија. Предефинирани се сите основни акорди. Па, обидете се со следново: E-G-G-Am-Am-C-H-C-H-C-H-G-G-Am-Am. Мошне верна симулација на Ајрон мен од Блек Сабат, нели?
Постојат уште два орнамента – тапани и ритам-машина, каде што се симулирани разни ритми и сетови на тапани, со опција за меморирање на одредена серија ритми. Не пронајдовме дали постојат и орнаменти за бас и сајзери, но во секое време можете да се здружите со нивни "живи" реплики.
Повеќе инфо и видео на http://www.thinkgeek.com/product/c498/ за гитарата (19,99 долари, btw), односно на http://www.thinkgeek.com/product/ebb1/ за тапаните (ситница, само 29,99 долари).