Текстот ќе го започнеме со објаснување на сликата дадена во прилог. На неа е покажана фотографија во 3-Д на астероидот Steins, па за нормално гледање нужно е таа да се погледне преку стереоскопски очила со црвено и зелено филтерско стакло. Фотографијата е направена од вселенската сонда на ЕСА (European Space Agency), Розета (Rosetta), кога таа патувајќи кон својата крајна дестинација, кометата 67p/Churyumov-Gerasimenko, имаше блиска средба со наведениот астероид во септември 2008 год., на растојание од околу 800 km. Астероидот има облик којшто асоцира на огромен дијамант со пречник од 5 km, изрешетан со околу 40 кратери од судири, помеѓу кои најголемиот со пречник од 2 km и длабочина од 300 m, го гледаме на врвот на астероидот.
Во јули 2010 год. сондата имаше блиска средба со уште еден астероид, Lutetia, а денес таа се наоѓа во состојба на хибернација (зимски сон) и така патува кон местото за средба со наведената комета 67p/Churyumov-Gerasimenko. Сондата ќе се разбуди од својот сон на крајот од јануари 2014 год. за да се подготви за средба со кометата, со која ќе се сретне 5 месеци подоцна. Мисијата предвидува сондата да ја придружува кометата при нејзината обиколка околу Сонцето, орбитирајќи околу неа, и притоа за првпат детално да го студира процесот којшто го трансформира тоа замрзнато небеско тело под дејство на Сончевата топлина.
Мисијата вклучува и истоварување роботизиран лендер на површината од кометата во ноември 2014 год., што евентуално ќе донесе додатни сознанија за природата на кометите. Ова ќе биде прво истоварување од таков вид.
Кометите, познати по прекарот "валкани снежни топки", се сметаат за најпримитивни небески тела во Сончевиот систем, кои најверојатно многу помогнале во снабдувањето на Земјата со вода, состојка неопходна за развој на животот на Земјата. И не само тоа, со проучувањето на природата на кометите, мисијата Розета ќе им помогне на научниците да сознаат повеќе за улогата на кометите во еволуцијата на Сончевиот систем.
ЕМИТЕР ќе го следи натамошниот тек на мисијата и ќе известува за нејзините откритија.