Луѓето без самодоверба имаат поголеми изгледи да се разболат, покажува едно истражување на британските научници. Истражувачите од лондонскиот Интернационален центар за здравје сметаат дека недостигот на самодоверба може да го скуси дури и животот. До овие заклучоци научниците дошле по анализите на студиите што во изминатите неколку години ја истражувале поврзаноста меѓу менталното и физичкото здравје.
Откриено е дека недостигот на самодоверба влијае врз однесувањето на луѓето и ги зголемува шансите да се задржат нездравите навики, какви што се нередовното вежбање и консумирањето повеќе храна, кои водат кон дебелеење. Студиите укажуваат и на поврзаноста меѓу недостигот на самодоверба и појавата на депресија.
Други, истражувања пак, покажале дека депримираните луѓе имаат послаб имунолошки систем, како и зголемен ризик да добијат мозочен удар. Научниците особено го наведуваат истражувањето во кое е докажано дека актерите што добиле "оскар" живеат во просек четири години подолго од своите колеги, кои за оваа награда биле номинирани, но не ја добиле.