Клима-уредите може да предизвикаат главоболка поради неколку причини: дехидрација; студ, што предизвикува мускулна контракција; студ, што предизвикува контракција на крвните садови; циркулирање на застоен воздух; циркулирање на воздух кој содржи алергени; звук кој го произведуваат клима-уредите; температурни шокови при влез во разладена просторија или при излегување на сонце. Понекогаш клима-уредите може да предизвикаат главоболки поради комбинација од причините наведени погоре.
Повеќето канцеларии, а и домови, користат уреди кои ја разладуваат температурата на 16-18 степени Целзиусови. Бидејќи во таквите простории недостасува влажност, кај луѓето со осетливи синуси се развиваат главоболки, чувствителна кожа, дехидрација или сувост на очите.
Првиот чекор во справување со овие главоболки е да се идентификува проблемот. Размислете дали ви е ладно додека работите, тоа може да предизвика контракција на крвните садови и на мускулите. Дали сте алергични на некои честички во воздухот? Дали сте премногу под стрес, а тоа го слабее имунолошкиот систем? Пиете ли доволно вода?
Сепак, најдобри резултати ќе се постигнат ако се комбинираат техниките за превенција од главоболка и ако се дејствува систематски.
- Пијте многу течности.
- На масата држете шише свежа вода со распрскувач и повремено испрскајте го воздухот над вас.
- Пијте доволно витамин Ц и работете на зајакнување на имунолошкиот систем.
- Немојте да ја намалувате температурата премногу. Температурата од 21 до 24 степени е мошне пријатна за работа. Не намалувајте ја температурата под 20 степени Целзиусови. Секоја температура под 20 степени за дневни или работни простории предизвикува здравствени ризици.
- Поминете период на приспособување. На пример, неколку минути пред да излезете од автомобилот или канцеларијата, исклучете го клима-уредот за да се избегнат температурни шокови.
- Избегнувајте седење и стоење директно под клима-уредот и правецот на дување, без разлика дали сте свртени кон него со грб или со лице. Во случај тоа да не можете да го избегнете, носете капа, марама или шешир.
- Клима-уредот не треба да биде насочен кон некој дел од телото.
- Одржувајте ги синусите здрави, а ноздрите проодни. Прашајте во аптека кои капки или спреј би можеле да ги користите секојдневно за хигиена на ноздрите и за превенција од воспаление на синусите.
Денес клима-уредите ни овозможуваат чувство на пријатна атмосфера и удобен живот. Со глобалното затоплување и со високите надворешни температури, клима-уредите претставуваат идеален спас за разладување. Но, сепак треба да се внимава и правилно да се употребува клима-уредот за да не дојде до несакани последици.