Рубрика: Информатика
Тимот iTriо победник на ecaHack Скопје
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.04.2013 - 11:14

YES бизнис инкубаторот викендов го одржа настанот ecaHack Скопје на ФОН Универзитетот, кој претставува дводневен хакатон за равој на моблни апликации базирани на отворени владини податоци (open data government) и апликации од јавен интерес.
На настанот имаше повеќе од 60 учесници, а од 11те тимови кои се натпреваруваа главната награда ја доби тимот iTrio за мобилната апликација Civic Guide за оперативниот систем iOS, која користи отворени податоци за сите јавни институции интегрирани во апликација која ќе ги конзумира на тој начин што прво на корисникот ќе му се прикаже листа со најчести и најбарани услуги кои институциите ги нудат со приоритет на посложените. Со изборот на некоја од услугите на корисникот ќе му се прикаже мапа со редослед на институциите кој треба да ги помине за да стигне до саканата услуга/ документ.
Најдобриот тим на настанот беше награден со: шест месечно менторство од страна на ECAbit (ECAbit.org) мрежата во вредност од 5.000 евра; Покриени трошоци за учество на регионалниот натпревар за мобилни апликации во Букурешт – ecaHack; Developer Alpha Blackberry уред и Alcatel One touch 997.
Дополнително беше награден и тимот составен од тројца средношколци и еден студент на ФИНКИ, за апликацијата Skip it која ја претставува состојбата на патиштата. Овој тим доби еден Developer Alpha Blackberry уред.
Учесниците на ecaHack Скопје имаа можност да разменуваат идеи, концепти и проекти со групата на ментори кои беа претставници на повеќе домашни и странски ментори, претставнци на успешни компании, универзитетски професори како и менаџерот на Blackberry Developer Group Balkan.
Во рамките на настанот се одржа и панел дискусија за "Промовирање на социјален и економски развој со отворени податоци" на која учествуваa и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски; консултантот на Светската Банка во Македонија, Ана Марија Трајкоски; и британскиот амбасадор, Кристофер Ивон.
"Отворените владини податоци (Open data) како владин ресурс, се значајни за промовирање на претприемништвото, иновациите, научните откритија и јавните сервиси и отвореното владино партнерство има социјални и економски придобивки"- заклучија тие.