Денес во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, се одржа предавање на тема "Во светот на наноматеријалите и нанотехнологиите".
За значењето на наноматеријалите и нанотехнологиите, како нов тип на материјали и технологии чијашто примена сè повеќе зема замав и претставува релативно ново и широко поле за изучување и инвестирање, пред присутните говореше проф. д-р Анита Грозданов од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Предавањето го проследија претставници на академската средина, бизнис-заедницата, претставници од државните институции и од приватни фирми. Присутните имаа можност да добијат квалитетен преглед на карактеристиките на наноматеријалите и нанотехнологиите, да се информираат за нивната досегашна примена преку низа имплементирани проекти, но и да разменат мислења за можностите за примена на овие технологии во различни сегменти од индустријата и животот.
При излагањето беше спомнато и дека при истражеувањата на Технолошко-металуршкиот факултет бил произведен графен со употреба на нова поекономична технологија од онаа која е во широка упоптреба во моментов.
Предавањата од ваков тип, придонесуваат кон поттикнување на интересот на младите за изучување на новите материјали и технологии и активна работа во сферата на нивен развој и примена.
А за заинтересираноста на младите за новите технологии говори и тоа што на средношколскиот натпревар "Наноматеријали - материјали за иднината“ чијашто примарна цел е да го зголеми интересот за техничките науки кои се дефицитарни на пазарот на трудот, Технолошко-металуршкиот факултет добил околу 450 пријави.
Во насока на натомшна популаризација на наноматеријалите и нанотехнологиите проф. Анита Грозданов вети дека ова предавање ќе го преточи во соодветна статија која ќе биде објавена во еден од следните броеви на Емитер.