NGC 4631 е огромна спирална галаксија со димензии слични на нашиот Млечен Пат. Таа е дел од поголема група на галаксии, кои од Земјата се оддалечени околу 25 милиони светлински години, а се наоѓаат во правец на соѕвездието Ловечки Кучиња (Canes Venatici). Групата брои вкупно 14 галаксии, кои се лоцирани толку блиску една до друга, што постојано гравитационо си дејствуваат. Па така, помалиот објект со овална форма, кој се наоѓа веднаш над дискот на NGC 4631, е, всушност, друга галаксија, која во минатото сигурно била далеку помасивна, но со текот на времето загубила голем дел од својата материја за сметка на својот спирален сопатник.
Инаку, оваа фотографија е изработена од германскиот астроном-аматер Бернд Валнер (Bernd Wallner), кој има своја опсерваторија во близината на Бургхаузен, Германија (Burghausen). Таа е направена со помош на 24-инчен Cassegrain рефлектор и камера од 11 мегапиксели. Валнер направил 70 одделни фотографии во текот на три ноќи, кон крајот на април оваа година. Истите подоцна дигитално ги искомбинирал во оваа прекрасна финална фотографија.