Зеницата (pupil) е празен простор кој изгледа црно, бидејќи од целата светлина која влегува во окото, многу мала количина излегува низ него. Зеницата е отвор со променлива големина – од 1mm до 4mm полупречник. Количината на светлина која влегува во окото зависи од големината на површината на зеницата. Ако отворот е 4 пати поголем и изнесува 4 mm, ќе влезе 16 пати поголема количина светлина. Колку што е потемна околината, зеницата е поширока бидејќи на тој начин окото се адаптира да може да ја земе и најмалата количина светлина. Утврдено и докажано е дека величината на зеницата зависи и од заинтересираноста кон она што се набљудува. Токму овој факт е искористен за откривање на сексуална ориентација кај луѓето без инванзивни методи.
Без разлика дали сте геј, стрејт или се наоѓате некаде помеѓу во спектарот на сексуална ориентација, вистината за тоа кој ве привлекува може да биде откриена преку очите – вели едно истражување на Рич Севин Вилијамс (Ritch Savin-Vilijams), развоен психолог на Универзитетот во Корнел.
Дилатацијата на зеницата е точен индикатор на сексуалната ориентација. Кога луѓето ќе погледнат во еротски слики, зениците се шират без нивна волја. Зениците се отвораат во несвесна реакција која може да се користи за изучување на сексуалната ориентација без инванзивни генитални мерења и методи. Новата студија на Вилијамс е првиот голем експеримент кој покажал дека дилатацијата на зеницата одговара на сексуалната ориентација, без разлика на она што некој ќе го пријави како одговор на ова понекогаш незгодно прашање на кое ретко кој искрено одговара заради културни и традиционални лимити.
– Значи, ако маж вели дека тој е стрејт, неговите зеници треба да се прошират кога гледа слики од жени или жени. И обратно, кај геј мажи нивните зеници се шират кога гледаат слики на мажи или мажи – вели Вилијамс.
За што всушност станува збор? Според Вилијамс, ширењето на зениците е одговор на возбуда и тоа е многу слично како кога се гледаат и други возбудливи или интересни стимули, вклучувајќи го лицето на некој близок или убаво дело на уметноста. Дилатација е знак дека автономниот нервен систем – системот кој ги контролира одредени дејствија како пулс и дишење и дејствија врз база на возбуда – реагира без да зависи од волјата, а резултат на тоа е ширењето на зениците.
Инаку, врската меѓу големина на зеницата и возбудата е откриена многу одамна. Во 16 век, во Италија, жените ставале капки во очите направени од токсичната билка Belladona, šза да му покажат на партнерот дека им се допаѓа!
Како што е познато во науката од овој домен, порано истражувачите ги проучувале возбудата и сексуалната ориентација со поставување на волонтери пред одредени еротски слики или ги терале да гледаат еротски филмови и притоа го мереле протокот на крв во нивните генитални органи. Но мерењата имале недостатоци бидејќи некои луѓе можат да се контролираат или едноставно немаат генитални одговори во лабораторија како во природната средина.
Втор начин на утврдување на сексуалната ориентација бил вербален: со поставување одредени прашања на кои многумина не сакале да одговорат.
Новиот начин кој го употребиле Вилијамс и неговиот тим во својот експеримент е интелегентно решение на проблемот. Тие регрутирале 165 мажи и 160 жени вклучувајќи геј и стрејт учесници во групата. Овие волонтери гледале една минута еротски видеа со жени, со мажи и со неутрални пејзажи. Со камера биле следени и снимани промените на нивните зеници. Резултатите покажале дека дилатацијата на зеницата одговара на моделите на сексуалната ориентација.
Кај мажите овој модел генерално бил јасен: хетеросексуалните мажи реагираат на сексуалните слики на жените, а хомосексуалците на сексуални слики на мажите. Бисексуалните мажи реагирале и на едните и на другите.
Кај жените работите биле многу посложени. Геј жените покажувале зголемена зеница при гледање еротски слики на жените, слично како и хетеросексуалните мажи. Но, жените-хетеросексуалци, во основа подеднакво реагирале на еротски слики и од двата пола! Ова не значи, велат истражувачите, дека сите жени се тајно бисексуални, туку значи самоšдека нивната субјективна возбуда е поврзана со гледање одредени слики, иако не се сосема сигурни дека тоа е баш така.
Според Вилијамс, оваа технологија може да се користи за да се спроведат интеркултурни студии за сексуалноста, со оглед на тоа што дилатацијата на зеницата е универзална за сите народи и раси, а нема ниту религиозни пречки. Методот може да се користи и во психијатријата за да им помогне на луѓето кои се збунети околу својата сексуалност да се осознаат себеси и своите желби. Исто така овој метод може да се користи и во криминалистиката.
Резултатите од истражувањето се објавени на LiveScience во август минатата година, а претставува уште еден доказ дека очите се огледало на душата и на здравјето, а еве сега и на сексуалната ориентација.