Честопати се случува на амбалажата од прехрамбените продукти да се сретнеме со знакот на Грин Дот или кругчето со стрелки кое потсетува на симболот јинг-јанг. Што всушност претставува овој симбол и што точно нам ни укажува? Грин Дот е заштитена трговска марка која се применува во целиот свет и му дава на знаење на крајниот корисник дека производителот на пакувањето ги исполнува барањата на законот за управување со пакувањето и со отпадот од пакувањето и плаќа надомест за постапување со отпадот од употреба. Во Македонија, користењето на овој заштитен знак е овозможенo од компанијата Пакомак чија дејност е управување со отпадот од пакување. Иако основана во 2010 година, веќе следната година, благодарејќи на нејзината работа која е во рамките на глобалните еколошки стандарди, Пакомак стана 34-тата национална непрофитна компанија, која што остварува дејност од јавен интерес, што се приклучува кон интернационалната мрежа за управување со амбалажен отпад ProEurope. Овој чекор беше значаен бидејќи сите нејзини клиенти без надомест го стекнаа правото на користење на знакот Грин Дот. Овој знак е заштитна марка, чија ексклузивна лиценца за територија на Македонија ја поседува токму Пакомак. Означувајќи ги производите со овој знак корисниците ги информираат потрошувачите дека истите целосно ги почитуваат еколошките стандарди дефинирани со законот и директивите на ЕУ.
Колкумина од нас ја сфаќаат тежината на одговрноста која ја имаат компаниите, производителите но и секој од нас за селектирање и рециклирање на амбалажниот отад? Иако оваа пракса за грижа на амбалажниот отпад во Европа беше актуелна уште во 90-ите кај нас пионерските чекори беа направени пред неколку години, но резултатите се навистина далеку од очекувањата. Времето покажа дека свеста кај нас се менува, но со превземање на вистинските чекори и напорна работа. Како за пример мината година Пакомак броеше над 600 компании-членки што во однос на претходанта година значеше 180 нови членови. Нивното членство резултира со околу 40.000 тони лиценциран отпад и над 7 300 тони рециклиран отпад што пак значеше надминати количини на рециклиран отпад за 22%.
Сликата во останатиот дел од Европа е малку поинаква и кај нив приказната започнува во раните години на 90-тите, кога Германија сфати дека има проблем со намалување со капацитетот на депониите, а количината на амбалажниот отпад генериран од страна на индустријата продолжил да расте. Соочена со претстојната долгорочна криза, Германија донесе закон кој ќе помогне во намалување на амбалажниот отпадот од домаќинствата кој завршува во депониите. Во тоа време, во Европа 25 – 30% од отпадот се состоел од амбалажен отпад, а многу малку било направено од страна на индустријата за да се намали обемот на овој тип на отпад. Увидувајќи го овој мудар план на Германија владите ширум Европа при крајот од 1994 ја донесоа Европската Директива за пакување.
Целта била да се усогласат националните закони за управување на амбалажниот отпад за да се обезбеди високо ниво на заштита на животната средина. Целта на законот била да се спречи создавањето на отпад од пакување на прво место, што се постигнало преку образовни програми кои ги чинеа компаните одредена месечна провизија.
По примерот на Германија, повеќето земји во Европа формираат свои национални организации. Па така денес 32 земји имаат национални организации кои управуваат со амбалажниот отпад во нивната земја и се дел од програмите за обновување.
Европа, сфаќајќи дека индустријата ја очекуваат тешки времиња и дека и е неопходна чадор организација која ќе управува со компаниите, во 1995 година ја формира ProEurope.
Нејзината мисија е да им помогне на националните организации кои го менаџираат амбалажниот отпад, да им ја понудат најдобра можна услуга за нивните клиенти, при тоа овозможувајќи им ја употребата логото Грин Дот како симбол на одговорност на производителот и ефикасно управување со амбалажниот отпад. ProEurope, исто така делува како чувар на Грин Дот трговска марка која промовира едукација за придобивките од намалување на отпад од пакување. Нивна главна задача е да им помогне на националните организации успешно да ги импленментираат системите за собирање.
Денес, кон програмата на Грин Дот се приклучени повеќе од 130.000 компаниите, а дури 460 000 000 000 производи се означени со логото Грин Дот. Според последните проценки околу 14,7 милиони тони од селектираниот отпад се обновени и рециклирани од страна на овие европски организации.