Научниците-планетолози располагаат со колекција од околу 110 метеорити со потекло од планетата Марс. Но, како тие метеорити од Марс стасале на Земјата? Многу едноставно, тие се избиени од тлото на Марс под удар на астероиди, кои скршнувајќи од својата траекторија во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, паѓаат на Марс и при ударот исфрлуваат материјали од неговото тло, кои потоа талкаат низ Сончевиот систем, а некои од нив стасуваат дури на Земјата. Дека потекнуваат од Марс, научниците заклучуваат според совпаѓањето на нивниот хемиски состав со геологијата на тлото на Марс, утврдена далечински преку роверите на Марс и орбиталните сателити околу "Црвената планета".
Сите Марсови метеорити научниците ги групирале во три категории според нивниот хемиски состав, меѓутоа во најново време тие идентификувале и еден Марсов метеорит со свој уникатен хемиски состав, различен од сите други досега откриени Марсови метеорити. Имено, тој содржи 10 пати поголемо количество вода отколку кој било друг Марсов метеорит. Метеоритот е откриен во пустината Сахара во 2011 год., па научниците го означиле со NWA 7034 (кратенка од North-West Africa 7034), а му дале и прекар "Black Beauty", во превод "Црна убавица", тежок е околу 320 грама (види ја сликата во прилог). По повеќе од една година проучување, научниците утврдиле дека тој датира од пред околу 2,1 милијарда год., што значи дека потекнува од геолошкиот период т.н. Amazonian, всушност последниот, т.е. "најмладиот" период во Марсовата историја, карактеристичен по својата вулканска активност со интензивни изливи на лава. Патем кажано, во тој период е формиран Марсовиот Olympus Mons, највисокиот вулкански врв во Сончевиот систем.
Метеоритот е составен од зацементирани фрагменти од базалт, всушност камчиња кои се формирале со многу брзо ладење на вулканска лава. Тоа го покажува хемиската структура на фрагментите, која главно содржи минерали од типот фелдспати и пироксени, всушност главните состојки на магматските, односно вулканските карпи. Што се однесува до молекулите на водата во нив, тие најверојатно потекнуваат од интеракција на фрагментите со водата присутна во Марсовата кора. Ете уште еден доказ за воденото минато на Марс.
"Содржината на овој метеорит е важна референтна геолошка рамка во истражувањата коишто ги прави роверот на Марс Cuiosity на дното на кратерот Gale", вели Џон Грансфелд (John Grunsfeld), соработник на Science Mision Directorat на NASA во Вашингтон.