Рубрика: Биологија
И стаорците се смеат
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 04.03.2013 - 12:28

Во списанието Behavioural Brain Research, професорот д-р Jaak Panksepp објавил резултати од истражувања во кои се вели дека и стаорците, како и луѓето, се смеат! Во своите истражувања тој утврдил дека највеќе се смеат младите стаорчиња, слично како и децата. Тие особено биле весели и се смееле кога ќе украдат нешто што им причинува задоволство или кога ќе најдат некој нов интересен предмет што ќе им се допаѓа.
Стаорците се смеат поради уште една работа, која луѓето ја сметаат за исклучиво човечка особина. Тие, верувале или не, се смеат од учтивост при запознавање или за придобивање наклоност од други припадници од својот вид, слично како и луѓето. Смеењето на стаорците личи на цивкање, односно на тон со фрекфенција од 50 килохерци.
Во текстот што го објавила Scientific American стои дека иако стаорците не се смеат како што се смеат луѓето, нивното смеење е вистинско и претставува високофреквентен ултразвук. Panksepp смеењето го открил сосема случајно, кога едно утро му рекол на еден од своите асистенти да ги скокотка стаорците по вратот. По неколку минути, лабораториските микрофони забележале цивкање од стаорците со фреквенција од 50 KHz. Така, тие откриле дека не само што стаорците се смеат, туку и дека имаат скокот на вратот. Најсмешно од сè било што стаорците почнале да ги препознаваат рацете што поубаво и понежно ги галат и ги скокоткаат и почнувале да се смешкаат пред да ги скокотне. Освен што Panksepp открил дека стаорците се смеат и имаат смисол за хумор, тој открил и дека младите стаорчиња повеќе се смеат кога си играат, исто како и децата. И уште нешто во врска со овие интересни животинки: Стаорците се однесуваат многу слично на луѓето во користењето информации што ги добиваат од своите сетила за донесување најдобра одлука, беше објавено пролетоска во списанието Journal of Neuroscience.
Така е со стаорците и нивното смеење. Што се однесува, пак, до луѓето и за ефектот на смеењето врз човечкото здравје, потсетете се дека смеењето е најдобар лек за сите болести, а го продолжува и животот.