Во разни мисии за геолошки истражувања на Марс, досега се откриени изобилство докази за воденото минато на "Црвената планета", но, во најново време стаса и првиот доказ откриен на древно "речно" корито, во кое некогаш течела вода. Имено, една научна група на НАСА објавила – на конференција за печат, одржана на 27 септември – дека роверот Curiosity, којшто "шета" на дното на 154 km широкиот Марсов кратер Gale, забележал "бразда" од конгломерат составен од обилно количество шлунак, втиснат во песочен "калап", што сугерира дека некогаш тука течел воден тек (види ја сликата во прилог). "Браздата нам ни изгледа како некој да дошол на површината на Марс и ја обликувал со пневматски чекан!", изјавил проектниот научник Џон Гротцингер (John Grotzinger), член на групата. На тоа се надоврзал Вилиам Дитрих (William Dietrich), исто така член на научниот тим, инаку истражувач од Универзитетот Беркли (Berkeley), Калифорнија:"Тркалезниот облик на парчињата шлунак во тој конгломерат нудат доказ дека тие настанале со тркалање под дејство на водена струја, која имала брзина на протекување од околу 1 метар во секунда (m/s)". Особено е интересен тркалезниот камен (заокружен на сликата во прилог), кој според истражувачката група не можел ниту да добие таков облик, ниту да се најде на тоа место, без дејство на некогашен воден тек.
Сега научната група чека роверот Curiosity да ја започне следната негова мисија; да започне да се искачува по косината на планината Aeolis Mons, интересен планински врв кој среде кратерот Gale се издига рамно 5,5 km над неговото дно. На оваа нова локација роверот можеби ќе открие подобри геохемиски услови кои нудат опстанок на некаков вид организми.
Понатаму роверот го очекува уште една сложена задача: да пронајде компактен примерок од ровок песок, да го внесе во својата лабораторија и да изврши геохемиска анализа на песокот. Овој процес најверојатно ќе трае две до три недели.
Секако, ЕМИТЕР ќе ја следи натамошната активност на роверот Curiosity.