По најавите дека Убунту наскоро ќе зачекори во доменот на мобилните платформи, еве уште една добра вест за вљубениците во овој слободен софтвер. Од таборот на Ubuntu се најавува дека веќе во февруари нивниот мобилен OS ќе дебитира на моделите на Galaxy Nexus на Samsung.
Ален Поуп, менаџерот за инженеринг во Каноникал (Canonical) на CES изјави дека компанијата планира да постави слика (image) на Убунту која ќе може да се симне за употреба на Galaxy Nexus во втората половина на февруари.
Уште пред започнувањето на CES 2013, кој во моментов се одржува во Лас Вегас, компанијата ја најави мобилната платформа која создаде драјвери и кернели за употреба врз Андроид. На овој начин се овозможува интегрирање на Убунту на постоечките уреди со Андроид.
Како што веќе кажавме, платформата Убунту за паметни телефони ќе биде лансирана најнапред на Galaxy Nexus, којшто и досега беше употребуван од страна на Каноникал при првичните тестови и демонстрации.
Сепак, некои одлики кои може да се најдат кај останатите мобилни платформи ќе ги нема на првиот Убунту мобилен OS. Така, ќе отсуствуваат гласовната контрола, како и продавницата за апликации, а се најавува и дека повеќето од достапните апликации ќе имаат ограничувања во поглед на функционалноста.