Во почетокот на следната година, на интернет ќе се појави првото виртуелно музичко студио, наречено "Burn virtual studio", со кое на диџеите и на продуцентите ќе им биде овозможен слободен пристап до сите студиски програми кои ќе бидат дадени на сајтот.
Боби Симс (Bobby Simms), претставникот на компанијата Exploding Plastic, која работи на развојот на овој проект, вели дека со ова ќе им се помогне на тинејџерите и студентите да ги развијат своите музички креативни способности на едноставен начин, бидејќи тие немаат финансиски средства за да набават скапи уреди и софтверски програми.
– Наместо да се плаќаат скапи термини за снимање во студио, сега и диџеите и некои музичари кои не се многу финансиски моќни, ќе можат да создаваат музика, да ја монтираат, но и да го учат целиот процес на монтажа, и тоа бесплатно, на Интернет. На овој начин ќе се "демократизира" музиката и ќе предизвика големи револуционерни промени во музичката продукција Тоа во никој случај не значи дека бесплатно се продава музика, туку ова е дозвола и обука за монтажа и миксање музика без класично студио – вели Боби Симс.
Што се однесува до платформата, главниот дел од неа ќе се состои од виртуелен водич и лекции за користење на програмата, а ќе има и посебен дел за ремикс на музика. Можеби со помош на ова виртуелно студио нема да може да се создава музика од највисок ранг, но него ќе го учат и ќе го користат оние кои по цел ден играат компјутерски игри, а мора да се признае дека ова е многу поинтелигентно користење на слободното време, а истовремено ги активира гените за музика кај младите.
Оваа прво виртуелно студио финансиски е подржано од компанијата "Кока-кола", односно од нивниот енергетски пијалак наречен "брн" (BURN) кој е голем конкурент на пијалакот Red Bull, по што овој проект и го добил името. Но, токму спонзорството од страна на "Кока-кола", кај многумина предизвика сомневање за квалитетот и одржливоста на овој проект:
– Од искуство можам да кажам дека многу вакви слични апликации, кои биле спонзорирани, не преживуваат долго, затоа што сè што се прави во крајна линија мора да биде зависно и приспособено на барањата и на потребите на спонзорот, а не на корисниците – вели Мајк Бучер, уредник на интернет-сајтот http://techcrunch.com.