Како што веќе е познато, Ејпл (Apple) има поднесено серија тужби за да ги заштити своите авторски права, но тоа не подразбира дека тој ги почитува туѓите! Имено, тој треба да им плати на Швајцарските железници (SBB) износ од 20 милиони франци како компензација за неовластено користење на нивниот часовник во оперативниот систем iOS 6.
Ситуацијата многу бргу доби разрешница кога во минатиот септември челници од SBB побараа средба со американскиот ИТ-гигант за да расчистат околу неовластеното користење. Само по неколку состаноци, Ејпл се согласи да му плати отштета во износ на горенаведената сума во рамки на договорот за отстапување на лиценцните права, кои би му овозможиле користење на дизајнот на часовникот во апликациите за iPads и iPhone.
Вакво брзо нагодување, со толку високи износи, за толку маргинална работа како што е дизајнот на часовникот во некој апликативен софтвер, сепак укажува на некои работи што не можат лесно да се поврзат со стравот на Ејпл да го изгуби реномето, како што коментираат некои медиуми. Некои злобници укажуваат на тоа дека случајот има директна врска со бројните тужби за заштита на авторските права поднесени од страна на Ејпл и претставува очигледен пример како другите би требало да ги решат споровите со нив!
Сепак, дизајнот на часовникот е навистина единствен и многу пред своето време. Тој потсетува на постмодернизмот од шеесеттите години на минатиот век, иако е дизајниран во 1944 година од непознат швајцарски инженер по име Ханс Хилфикер (Hans Hilfiker), кој преку ноќ стана медиумска ѕвезда поради овој случај. Инаку, куриозитет е и тоа што овој модел чаовници е често подаруван во знак на пријателство од страна на швајцарската Влада. Но поинтересно е тоа што, почнувајќи од втората половина на шеесеттите години на минатиот век, сосема сличен часовник со црвена стрелка за секунди, но без точка на нејзиниот крај, бил вообичаено инсталиран на јавни места (па и на железнички станици) во многу градови низ поранешна Југославија, и тоа во илјадници примероци! Тогаш, часовникот ги носеше името и ѕвездата на производителот: ИСКРА – Крањ, и што е најинтересно – никој не се противеше!
Повеќе информации на: http://www.swissinfo.ch/