Рубрика: Омнибус
20. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм
Автор: Перица Поповски
Објавено на 12.11.2012 - 12:18

Оваа година јубилејниот 20-ти по ред Интернационален фестивал на аматерски документарен филм "КАМЕРА 300", се одржа под патронат на УНИКА и под покровителство на Градоначалникот на Битола, м-р Владимир Талевски. На него учествуваа 34 филма од 11 земји, при што за прв пат зеде учество и претставник од САД. Пред преполната мала сала на Центарот за култура се собраа љубители на краткометражниот и непрофесионален филм, а под мотото "Дојдете да гледаме филм" се одржаа две проекции – првата на 2.11.2012 година, а втората на 3.11.2012 година. Сите филмови беа оценувани од меѓународното жири во состав: Илинденка Петрушева – Македонија, Станимир Трифунов – Бугарија, Јован Ристовски – Македонија, Недељко Н. Деспотовиќ – Србија и Демитриос Павлидес – Грција. Жирито ги додели следните наградите и признанијата:
– Гран при за филмот "Пази да не загори" од Радован Џериќ – Србија,
– Златна плакета за филмот "Адаптација" од Даниел Карак – Франција,
– Сребрена плакета за филмот "Попика" од Радован Џериќ – Србија,
– Бронзена плакета за филмот "Без повод" од Ученички клуб "Клин" – Бугарија.
Награди освоија и следните филмовите: "Време" од Зоран Пиловски и Оливер Ангелевски освои награда за камера, "Реквием за лимот" од Џејмс Калмерт – Англија освои награда за монтажа, "Незаборавни слики" од Оскар Сијеберт – Германија освои плакета на УНИКА, "Гопеш – нашето село" од Јетон Селими и Александар Наумовски ја освои наградата "Драги Савевски" и "Мувла" од Јуриј Котовој – Русија се закити со награда за репортажа.
Покрај наградените, на вториот ден од фестивалот се прикажаа и филмовите кои беа во програмата посветена на починатиот Богоја Стојковски – Пусторекански. Таа програма ги опфати филмовите: "Застој" од Стефан Сидовски, "Јас и Фишер" од Љупчо Петровски, "Натрапници" од Ролф Мандолеси – Италија, "Марибор и неговата најстара винова лоза" од Франц Копич – Словенија, "Едноставно чистење на ткаенини" од Круно Хеидлер – Хрватска, "Ткајач" од Пантелија Илиќ – Србија и "Поколение" од Величко Геров и Красимир Ѓорѓиев – Бугарија.
Бидејќи ја имам таа привилегија да ги следам сите 20 изданија на фестивалот "Камера 300" можам да искажам задоволство од квалитетот и учеството на сè поголем број земји-учеснички. Претседателката на жирито, Илинденка Петрушевска, за новинарите даде свое мислење од кое може да се препознае дека е задоволна со бројот на земји-учеснички, но не и со бројот на филмови и нивниот квалитетот. Сепак мора да се прифатат и излагањата на директорот на фестивалот, Стефан Хаџиантоновски, и членот на фестивалскиот совет, Стојан Стојановски, дека во текот на 20-те години на фестивалот се подобруваше неговиот квалитет и успешно израсна во меѓународен фестивал на аматерски документарен филм. А јас само ќе додадам: благодарејќи на сознанијата од сите овие фестивали го напишав сценариото и, заедно со ТВ Орбис, го реализирав филмот "Жед за летање" кој се прикажуваше на многу наши телевизии.