Малечките хиракси кои живеат на карпестите подрачја на Блискиот Исток и Африка не изгледаат впечатливо, но припаѓаат на мошне интересна група животни. Долгите песни кои ги пеат едни на други покажуваат елементи на јазик, а имаат дури и дијалекти.
Во една неодамнешна студија во израелски универзитет направена на популацијата хиракси биле откриени докази од кои се гледа дека нивните песни имаат значење и дека користат синтакса во својата комуникација. Ова е исклучително редок факт бидејќи синтакса користат само делфините и китовите, птиците и лилјаците.
Типичната песна на некои хиракси може да потрае по неколку минути, нивните песни се поделени во делови кои траат по 10-20 секунди. Секој дел е составен од одреден број ноти, кои всушност се слогови. Постојат мал број силабли во песните на хираксите, и сите звуци се сосема различни. Од ова може да се создаде цел јазик бидејќи слоговите може да се комбинираат на безброј начини. Има одредено значење во тоа како ги компонираат своите песни, како ги подредуваат нотите и колку траат тие, а тоа е синтакса – комбинација на различни елементи кои создаваат целина.
Основни елементи на песните на хираксите се: крикови, завивање, крцкање и свиркање. Со помош на математичка анализа е откриено дека овие елементи се појавуваат на неправилен начин, што укажува на синтакса. Покрај тоа, забележани се значајни разлики во песните на различна популација хиракси кои се наоѓаат на различни локации, што јасно ги покажува локалните дијалекти. Ова најверојатно настанало бидејќи хираксите собрале различни делови од песни, од различни соседи, и така настанале локални дијалекти, кои со текот на времето станале забележително поинакви. Разликите меѓу песните на хираксите се споредуваат со оние меѓу американскиот и британскиот англиски јазик.
Типично е животните да создаваат комплексен јазик ако се екстремно друштвени, ако се многу интелигентни или во комбинација на овие два елемента. Во овој случај, можно е хираксите да развиле толку сложен јазик бидејќи се многу социјални животни и живеат во гигантски колонии. Многу е веројатно дека хираксите со својата песна си говорат многу работи едни на други, но тоа го прават така што ние сè уште не можеме да ги разбереме.