Рубрика: Информатика
Како настанал бар-кодот?
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 09.08.2012 - 19:12

Низа од вертикални црни и бели линии со различна ширина, едноставно наречена "бар-код" го решила големиот проблем на потрошувачкото општество.
На почетокот на триесеттите години на 20 век, студентот Волис Флинт дошол до брилијантна идеја дека може драматично да го забрза купувањето во продавници, со тоа што купувачите треба на картичка да ги обележуваат производите што ги избрале во продавница, а кога ќе дојдат на каса ќе се забрза работата. Но, колку во тој момент неговата идеја да звучела прогресивно и корисно, не доживеала широка употреба.
По завршувањето на Втората светска војна се јавила нова идеја. Еден млад учител, Норман Џозеф Вудленд дополнително го разработил овој проблем. Смислил производите во продавниците да се означуваат со мастило кое може да се види под ултравиолетова светлина. Ова се покажало скапо и не многу сигурно, поради разлевање на мастилото, и Вудленд смислил нешто подобро: комбинација на бар-код и Морзеов код. Првиот ваков читач бил со големина на работната маса, темна кутија со многу јака светилка (прво 150, па 500 вати), па на продавачите не им се допаднала идејата да купуваат голем број такви читачи, кои многу се загревале и го оштетувале видот. За ова била потребна голема количина светлина фокусирана на мала површина – ласер, кој тогаш не бил на повидок, барем, не онаков каков што е денес.
Вудленд, кој работел во IBM, добил понуда од неговата компанија да го продаде својот патент, но заедно со Бернард Силвер, негов помошник во правењето на ова верзија на код за етикетирање, но ја одбил понудата сметајќи дека е премногу ниска. Тогаш, во 1962 година го продале на компанијата Филко, а тие понатаму на компанијата RCA.
Во шеесеттите години, дипломецот на MIT, Дејвид Колинс се обидува да смисли начин за препознавање на железничките вагони. Наместо бели и црни линии, тој смислил сини и портокалови ленти направени од материјал со рефлексија. Овие линии ги претставувале цифрите од 0 до 9. Секој вагон имал четвороцифрен број, кој покажувал на која железница и припаѓа вагонот, и уште шест цифри за идентификација на вагонот. Колинс кон крајот на шеесетите години, кога неговата идеја станала прилично добро прифатена, повторно се обратил кај неговата компанија "Силванија" со идеја да направи црно-бел код, но тој бил одбиен, со образложение дека нема пари за инвестирање. Колинс тогаш поднел оставка и основал сопствена компанија, а "Силванија" од сино-портокаловите ленти никогаш не се збогатила.
Подоцна се појавиле ласери кои со тенки зраци во форма на линии поминувале преку бар-кодот. Тој работи така што црните линии ја апсорбираат светлината, додека белите ја рефлектираат и на сензорот се праќа бинарен сигнал (има/нема). Секој код има двапати по шест броеви. Првата цифра во кодот секогаш е нула, освен кај месото и кај производите чија тежина варира, како и неколку други. Следните пет цифри се на производителот, наредните пет се ознака на производот и последната цифра е контролна и покажува дали претходните 11 се прочитани добро.
Бар-кодот се покажал како многу згоден, бидејќи кодот може да се прочита од различни агли, дури и ако е делумно искинат.