Голем е бројот на луѓе кои живеат неквалитетно поради Алцхајмеровата деменција. Алцхајмеровата болест е прогресивна, дегенеративна болест која ја смалува моќта на помнење, разбирање и комуникација. Според Светската здравствена организација, околу 24 милиони луѓеšво светот патат од оваа болест, само во Германија од оваа болест страдаат околу 600 000 луѓе, главно од третото доба. Засега, дијагноза може да се постави исклучиво со едноставни тестови на крвта и со скенирање на мозокот. Во истражувањата објавени во списанието "Nature Medicine", се опишани 18 протеини од крвта кои со 90% прецизност предвидуваат дали кај одредена личност ќе се развие оваа опака болест. Тестовите кои откриваат промени во овие протеини можат да се користат од 2 до 6 години пред да се јават првите знаци на Алцхајмеровата болест, во вид на благи прекини во сеќавањето и можат да се користат во потрага на нови третмани на лечење.
За можноста со неинванзивни методи и тестови во раните фази да се открива болеста заинтересирана е медицинската и светска јавност. Во текот на 2008 година се применуваа некои тестови и истите покажале задоволителни резултати. Група француски научници развила компјутерска програма за обработка на снимки на мозокот, со цел да се добие подобра и попрецизна дијагноза на Алцхајмеровата болест. Овој софтвер ги надополнува сегашните клинички и невропсихијатриски испитувања надополнети со магнетна резонанца. Научниците забележале дека во текот на првата фаза од болеста доаѓа до значително намалување на обемот на мозочната структура и се намалува капацитетот на мемориските податоци. Досега овој податок не бил дијагностициран со ниедна метода.
Повеќе од дваесет години научниците од целиот свет се обидуваат да пронајдат лек против оваа тешка и засега неизлечива болест. Се чини дека на повидок е лек, бидејќи тим од германски научници од Хале со помош на експериментален реагенс успеале да го сопрат развојот на Алцхајмеровата болест кај глувци во лабораторија. Сепак, денес мислењата за лекот се поделени. Професорот Гинтер Ројтер, од Институтот за генетика на Универзитетот во Хале, е внимателен но и одушевен од резултатите: "Во 80% од случаите, успеавме да го намалиме таложењето на наслаги од белковини во мозокот, главниот виновник за болеста. Дали овој лек ќе може да се користи и кај луѓе, ќе се истражува во наредните неколку години." Со други зборови, работата не е завршена, но на повидок се нови патишта во лечење на оваа болест и се отвораат сосема нови терапевтски потенцијали. Синџирот со докази ќе се затвори дури кога пронајдениот лек ќе биде применлив и безбеден за луѓето. Според научниците од тимот, лекот за Алцхајмеровата болест ќе се појави на пазарот за пет до осум години. Во меѓувреме сè ќе се базира на превенција и рано откривање на болеста.