Рубрика: Медицина
Зачувајте го телото и мозокот
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 03.08.2012 - 13:53

Со текот на годините многу функции на телото и умот слабеат, но постојат луѓе кои во поодминати години изгледаат и се чувствуваат добро. Која е нивната тајна?
Одговор на ова прашање даваат резултатите од истражувањето, спроведено врз 2500 испитаници на возраст од 70 и повеќе години, кои во текот на животот имале различни животни навики, објави "Live Science". Повеќе од 50 % од испитаниците имале нормални когнитивни способности за својата возраст, 20% имале намалени способности, додека 30% од испитаниците покажале извонредни когнитивни способности. Проучувајќи ги нивните навики, комуникативноста, едукацијата и друго, научниците дошле до сознание дека четири клучни фактори влијаат врз зачувувањето на телото и умот во поодминатите години од животот.
Физичка активност: лицата кои вежбале барем еднаш неделно покажале извонредни когнитивни способности.
Образование: Луѓето со средно и универзитетско образование покажале три пати подобри когнитивни способности отколку необразованите.
Пушење: Старите непушачи имаат двојно подобри мозочни функции отколку пушачите на иста возраст (!?)
Комуникација: Лицата кои на работа комуницирале со други луѓе или, пак, имале среќен брак, имаат 24 % подобри когнитивни способности од другите.