Телефонскиот сигнал ги збунува пчелите и може да предизвика нивно летање пред ненадејна смрт. Имено, новите истражувања покажуваат дека сигналите од мобилните телефони може да бидат делумно одговорни за мистериозната смрт на пчелите.
Во првиот експеримент на овој тип пчели, експертите поставиле мобилен телефон под кошницата, а потоа внимателно ги следеле реакциите на матицата. Пчелите со нивното однесување јасно покажале кога телефонот прима или испраќа повик – реагирале со испуштање на високотонски звуци, кои вообичаено го означуваат почетокот на роењето на пчелите. Д-р Даниел Фавре, кој го спровел експериментот, верува дека сигналот од мобилните телефони и предавателите за мобилната телефонија може придонесуваат за намалување на бројот на пчелите, па затоа повикал за повеќе истражувања.
Но, британските експерти за пчели велат дека сè уште нема докази дека мобилните телефони претставуваат ризик. Виновник за исчезнувањето на пчелите гледаат во промените во земјоделството, намалувањето на количеството на полско цвеќе и во пестицидите. Бројот на пчели во Велика Британија се преполовил во последните 25 години, додека во Америка, пчелите тешко ги погодува појавата "распад на колониите", што се манифестира со исчезнување на цели колонии преку зима. Експертите велат дека пчелите се сериозно погодени од штетниците Вароа, паразити кои цицаат крв и поради кои колониите станале повеќе подложни на болести, невреме или на труење.
Некои експерти велат дека последната генерација пестициди може да го наруши нервниот систем на пчелите, предизвикувајќи да се збунат и да се изгубат. И повеќето експерти за пчели велат дека тие страдаат поради недостиг на диви цветови, ливади, пасишта и неуредени градини.
И покрај тоа, некои експерти сметаат дека мобилниот телефон може да биде делумно виновен. Д-р Фавре, учител кој претходно работел како биолог во Швајцарскиот сојузен институт за технологија во Лозана, тврди дека ова истражување покажува дека присуството на активни мобилни телефони ги вознемирува пчелите и има драматичен ефект. Тој ставил два мобилни телефона под кошницата, и ги снимал звуците од пчелите кога телефонот е исклучен, во фаза на повик и кога е во фаза на чекање. Околу 20 до 40 минути по активирање на телефоните пчелите почнале да емитуваат високотонски звуци кои го најавуваат почетокот на роењето. Во рок од две минути по завршување на повикот, пчелите се смириле. Меѓутоа, постојаното роење предизвикано од мобилните телефони и наглиот престанок може да донесат драматични последици, во смисла на загуби во колонијата.
Сепак, студијата не покажала дека мобилните телефони се смртоносни за пчелите. Според д-р Фавре, електромагнетните полиња може да предизвикаат исчезнување на пчелните колонии низ целиот свет. Нему му контрира британскиот експерт за пчели, Норман Карек од Универзитетот во Сасекс, кој вели дека ова е една интересна студија, но тоа не докажува дека мобилните телефони се одговорни за појавата "распадот на колониите". Норман вели дека ако некогашš сте турнале кошница или сте ја отвориле за да ја прегледате, ќе го добиете истиот резултат. И во Америка, во многу случаи, распадот на колониите се случува во оддалечени области, далеку од кој било сигнал на мобилен телефон.