Угледниот британски магазин за техника и нови технологии, "Т3" неодамна објави вест во која беше претставено мислењето на некои од челниците на британската автомобилска компанија Воксхол (Vauxhall) во поглед на иднината на електричните автомобили.
Според Стјуарт Харис, директор за пазар на производи (Head of Product Market) и Деби Шилдс, менаџер за производство и технологии (Product and Technology Manager), електричните возила засега се осудени да служат како второ возило во возниот парк. Според нив, главна причина за ваквата состојба е засега инфериорниот досег на електричните автомобили. Според нивните зборови, тие се идеални за користење низ градскиот метеж: не загадуваат, не создаваат непотребна бучава и сигурно ќе ве однесат до работното место во текот на неделата. Но, штом дојде викендот и треба да се упатите кон вашата викенд-дестинација, сепак ќе ви треба класично возило.
Но, според коментарите од читателите на "Т3", со ваквата проценка не се согласуваат сите, впрочем повеќето од нив, од кои некои подолго време поседуваат електричен автомобил, ја оценија како неточна.
Каква е иднината на чисто електричниот автомобил, останува времето да покаже. Да потсетиме: на оваа тема ЕМИТЕР пишуваше во неколку наврати. Повеќе за електричните автомобили можете да прочитате во следниве броеви: ЕМИТЕР 12/06, 5/07, 9/10, 4/11, 11/11, 12/12, 1/12, 2/12, 4/12, да споменеме само неколку од нив.