Во минатото, тетоважите претставувале симбол на бунтовништво и се поврзувале со опасни и груби момчиња. Биле обележја на морнари, војници, но и на девојки со сомнителен морал. Во меѓувреме, тетоважите заедно со пирсингот стануваат незаменлив моден детаљ. Голем број светски познати личности го украсуваат своето тело со тетоважи и пирсинзи. На некои им е доволен само еден мотив, а некои имаат и по неколку тетоважи.
Како што е познато, тетоважата претставува трајно нанесување соодветен пигмент (мастило) во кожата со боцкање со игла. Она што ја прави тетоважата долготрајна е тоа што мастилото не се вбризгува во горниот слој на кожата која може да се обнови, туку во подолниот слој на кожата кој го фиксира мастилото и ја прави тетоважата трајна. Тетоважата со себе носи одредени промени на кожата, па затоа најдобар период за тетовирање е доцна есен, зима и рана пролет. По тетовирањето, еден период е строго забрането изложувањето на сонце, а на тетовираниот дел од телото треба да се носат памучни ткаенини. Залечувањето трае до три недели, во кој период тетоважата мора да се држи чиста и да се влажни со соодветни креми.
Пирсингот, пак, претствавува механичко прободување на целиот слој на кожата на делот на кој сака да се украси. Тоа може да биде на лицето – уво, нос, веѓи, усни и јазик, и на телото – папок, брадавици... Пирсингот е многу поедноставен од тетоважата, бидејќи не е траен. Кога ќе го отстраните пирсингот, отворот зараснува, но понекогаш може да остане и лузна. Самиот пирсинг не бара некоја посебна нега. Она што во потполност ќе помогне за брзо зараснување е раствор на морска сол и дестилирана вода. Залечувањето на пирсот зависи од тоа каде е ставен. При орален пирс (јазик, усна), треба да се користи антибактериска течност за дезинфекција, а при пирс на нос, уво, папок, треба да се врши секојдневна хигиена.
Ако се одлучите за тетоважа или пирсинг, направете го тоа во високопрофесионални студија во кои има стерилни услови за работа, каде што се користат игли и ракавици само за една употреба, во спротивно може да заработите тешки инфекции на кожата, па дури и хепатит.