"Далеку во неистражените предели на крајот на западниот спирален крак на галаксијата, лежи едно мало неугледно жолто сонце. Во орбита околу него, на растојание од околу 150 милиони километри, се наоѓа една мала и крајно безначајна сино-зелена планета, чии жители, кои воедно потекнуваат од мајмуни, се толку примитивни што сè уште мислат дека дигиталните часовници се прилично згодна идеја..."
На овој начин, Даглас Адамс ја започнува својата трилогија во пет дела – Автостоперски водич низ галаксијата. (Прочитајте го делово, ви ветувам дека ќе ве однесе до крајот на универзумот и назад!)
Навистина, Сончевиот систем се наоѓа во зафрлен и мирен дел (колку што може да биде мирно) од галаксијата. Некои тоа го сметаат за важен фактор за еволуцијата на животот на нашата планета, и воопшто за каде било. Нашето сонце е сосема обично, старо е 4,5 милијарди години, а ќе живее барем уште толку. Доволно е блиску до нас за да спречи нашата планета да замрзне (иако тоа се случило неколкупати во минатото), но доволно далеку за да ја избегнеме судбината на Венера. Наутро изгрева и преку целиот ден со неговиот сјај го прикрива сјајот на ѕвездите кои се далеку, но и блиску до нас. Познато и вообичаено сценарио. Но, што е со оние не толку мирни предели? Како би ни изгледало небото ако се најдеме на планета која орбитира околу ѕвезда која е дел од збиено ѕвездено јато? Ќе ги почувствуваме ли убавините на ноќта и темното небо на едно такво место? Еве неколку бројки кои ќе ви ја доловат егзотичноста на сликата.
Регионот околу јадрото на типично збиено ѕвездено јато има околу 100000 ѕвезди во волумен од просторот со радиус од околу 10 парсеци. Ова нè доведува до сфера со волумен од околу 4000 кубни парсеци или околу 25 ѕвезди на кубен парсек, што значи дека типичното растојание помеѓу овие ѕвезди е околу 1/3 парсеци. Ѕвездите во затворените јата се главно еволуирани џинови со сјајност која е до 100 пати поголема од онаа на Сонцето, па на растојание од 10 парсеци таква ѕвезда би имала привидна магнитуда блиска до нула, а на 1/3 парсек сјајноста би и била -6, магнитуда еднаква на онаа на Венера или Јупитер во нивната најголема сјајност. Би имало десетици вакви ѕвезди, сјајни како Венера, насекаде по небото. Најдалечните ѕвезди би биле на 10 парсеци, а би имало неколку илјадници од нив, секоја со привидна магнитуда од околу 0...па небото би било исполнето со 100000 ѕвезди кои се посјајни од Сириус (најсјајната ѕвезда на ноќното небо), а некои од нив би биле сјајни како Венера. Небото можеме да го поделиме на 42000 квадратни степени, каде на површина колку што зафаќа полна Месечина (1/2 степен) би имало по една ваква сјајна ѕвезда!!! Ќе биде навистина тешко да се забележат слабите ѕвезди со голо око, бидејки нашите очи постојано би биле "исполнети" со светлината од многубројните црвени џинови.
Ова дефинитивно не е место за еден астроном кој сака барем една ноќ да се наспие! Како и да е, не познавам некој кому би му пречело едно меѓуѕвездено патување со цел да и се восхитува на ваквата глетка.