Оваа фотографија, изработена од стереокамерата со висока резолуција (High Resolution Stereo Camera - HRSC) на вселенското летало Марс Експрес, го прикажува Павонис Монс (Pavonis Mons), централниот од трите вулкани кои го сочинуваат планинскиот регион Тарсис (Tharsis Montes).
Планинскиот регион Тарсис го сочинуваат три поголеми вулкани: Арсија, Павонис и Аскреус (за оваа област, поконкретно за вулканите Арсија и Павонис веќе пишувавме). Тие се поредени во една линија со вкупна должина од 1 500 km. Павонис се издига на неверојатни 12 km над околниот регион.
Драматичните структури, кои се гледаат на оваа фотографија, се наоѓаат на југозападната падина на вулканот. Научниците веруваат дека тоа се канали од лава, кои се формирале кога вжештената лава се лизгала по падината на вулканот. Имено, при своето движење по површината, лавата формира тенка кора, која веднаш се стврднува под дејство на студениот воздух. Под оваа кора, лавата продолжува да тече во одделни тунели. Но, штом запре нејзиното движење, тунелите се празнат, површината колабира на тие места и на тој начин се формираат овие издолжени депресии. Слични канали може да се видат и на Земјата и на Месечината.
Најдолгиот канал на оваа фотографија (во горниот десен дел на сликата, т.е. во северозападниот дел на регионот) се протега цели 59 km во должина, а неговата ширина варира од 1,9 km, до околу 280 метри. На фотографијата може да се направи добра разлика помеѓу светлите региони, кои се наоѓаат на поголема височина, и потемните региони од вулканот, кои, пак, се наоѓаат на пониски височини.