Рубрика: Уводник
Поглед назад, поглед напред
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/1999.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


1998 година е веќе зад нас, а пред нас е нов едногодишен циклус наречен 1999 година. Во вакви прилики вообичаено се поставува прашањето што направивме и што планираме да направиме.

Она што го направивме во 1998 година им е добро познато на повеќето читатели. И покрај сите тешкотии (од финансиска и организациона природа) сепак успеавме да го одржиме континуитетот на излегување на списанието, но истовремено да обезбедиме и негов растеж, како во квантитет, така и во поглед на неговите содржини. Од почетните 40 страници денес емитер има 56 страници, така што годишниот комплет за '98 година содржи 580 страници, од кои повеќе од 400 страници (што одговара на книга од околу 1000 страници) се исполнети со информации, прикази, тестови, проекти, теорија и апликации од разни области на електрониката. Задоволни сме не само од обемот, туку и од квалитетот и разновидноста на написите. Такво задоволство искажавте и вие, драги читатели, во анкетата што ја спроведовме летоска и чии резултати ги објавивме во бројот 10/98. Се разбира, секој читател имаше и има свои замерки и желби кои ќе се потрудиме да ги реализираме во следниот период. И покрај сè уште неизвесната иднина на емитер за 1999 година имаме многу планови. Растежот на списанието очекуваме да продолжи како во обем и технички квалитет (зголемување на бројот на страници и евентуално воведување на колор страници) така и во содржински поглед. Во овој момент можам да ги најавам следните содржини. Серијата "почетен курс по практична електроника" ќе продолжи и во 1999 година со написи за полупроводничките компоненти и за изработка, тестирање и поправка на електронски склопови. Освен оваа серија и серијата "електронски цевки и нивна примена", која веќе е во тек, планираме уште две поголеми серии: "курс за радио техника" и "курс за pic контролери". Исто така планираме и написи за најновите технологии - rds системот во радиодифузијата, дигиталната радиодифузија, дигиталната телевизија, iridium мобиланата телефонија и др. Проектите за самоградба што ги планираме веќе ги најавив во бројот 11/98, но еве повторно преглед на она што е договорено во редакцијата: токи-воки, детектор на метал (трагач по закопано богатство), рф модулатор (тв предавателче), дигитален ревербератор, фм предавател со поголема моќност, стрео кодер за фм предавател, лампашки засилувач, еквилајзер, мерач на индуктивност, мерач на капацитивност, фреквенцметар, сирена, брзиномер за велосипед, деминерализатор на вода, читач и програматор на чип картички, ac миливолтметар и воблер функциски генератор. За да го стимулираме конструкторството лани воведениот емитер ппк сервис ќе продолжи да функционира и оваа година. Преку него електроничарите конструктори по многу ниски (пониски од производните) цени ќе можат да ги набават плочките со печатено коло и самолепливите предни маски за проектите и апликациите објавени во списанието. Во 1999 год. Конечно ќе започнеме со нешто за што размислуваме од самиот почеток, а тоа е издавање на книги и брошури од областа на електрониката. Веќе во завршна фаза е подготовката на книгата "обработка на аудио сигналот" од нашиот соработник миле серафимовски, а во план имаме уште неколку. Оваа најава за нашата книгоиздателска дејност нека биде и повик до сите автори од која било област на електрониката да се обратат во редакцијата и да ги понудат своите трудови за објавување. Се разбира дека овој преглед не ги опфаќа сите наши планови за следната година, туку само она за што веќе постои редакциски договор. Планираното ќе успееме и да го оствариме само ако освен нашата желба и огромниот труд имаме и соодветна поддршка. Се надевам дека доволно фирми ќе го ценат квалитетот и значението на емитер и дека ќе се рекламираат во него и дека државата, преку некоја од своите институции, конечно ќе го увиди позитивното значение на емитер и ќе го помогне неговото излегување. Се разбира, драги читатели, вашата поддршка ни е најдрагоцена - затоа купувајте го и читајте го емитер и испраќајте ни ги своите мислења, предлози, критики и пофалби. Со најубави желби, Срдечно ваш Слободан таневски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/1999. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.