Каде може да се набават кит-комплети за летачки модели (Емитер 11-12/2014)

Здраво ЕМИТЕР,
Ме интересира дали, и ако има, каде во Македонија може да се набават комплет делови и материјали за самоградба на летачки модели?
Однапред благодарам,
Саше Спировски, преку е-маил

Пред да одговорам на прашањето ќе се обидам да дадам насоки во кој правец би требало да се движи набавката на модели во однос на категоријата, со цел поуспешно да дојдете до посакуваните модели. Имено, за почеток, без оглед на возраста се започнува со наједноставни модели-лизгачи, од хартија, стиропор или некој фурнир. Следниот чекор би бил градба на модел од категоријата А-1, односно Ф1Х, по стекнување одредено искуство може да се премине на градба на радиоуправувани едрилици, кои сега ги има во голема мера низ светот, особено како кит-комплети (комплет делови за составување). Во изминатите броеви на списанието Емитер ја имам обработено темата "изработка на лизгач", набавен како кит-комплет од продавницата "Хоби салон". Потоа, благодарение на донацијата на книжарницата "Барби" обработив тема – градба на едноставен модел од категоријата А1. Тоа е проверен процес на обука, при што на лесен и едноставен начин се доаѓа до резултат. Ако од почетокот се добијат позитивни резултати, постигната е целта.
Е сега, доаѓа и одговорот на прашањето каде и како да се набави кит-комплет. Бидејќи во Македонија нема специјализирана продавница за воздухопловно моделарство, останува можноста да се обратите до "Народна техника" Кавадарци, односно до г. Гоце Јосифовски, кој за своите ученици изработува комплети за градба на модели-лизгачи. Секако, ќе Ви помогне и околу набавката на модел-едрилица од категоријата Ф1Х. За почеток на интернет пребарајте со клучни зборови: Plans for flying paper model. Ќе се изненадите колку многу има убави летачки модели од хартија за чија изработка се потребни само ножици и лепило за хартија.
Деновиве особено обратив внимание да дојдам до информации за специјализирани продавници за сите видови воздухопловни модели, вклучувајќи ги и кит-комплетите за едрилици. Еве еден краток список:
1. www.graupner.de – Германија
2. www.towerhobbies.com – САД
3. www.robbe.de – Германија
4. www.shop.malaivanca.com/en – Rc Shop, Белград, Србија
5. www.horizonhobby.com – САД
6. www.rcplanet.com – САД
7. www.hobbytown.com – САД
8. www.hobbyking.com – САД
9. www.rc-shop.gr – Грција
10. www.modellsport.gr – Грција
11. Гоце Јосифовски – АК Витачево, Кавадарци
Всушност, доволно е во Гугл да се напише Rc Shop и да се наведе земјата од каде што сакате да набавите производ, и се добиваат безброј продавници низ светот. Горенаведените се проверени и од некои од нив сум ги имал в раце каталозите со нивните производи.
На крајот, само сакам да додадам дека Ви стојам на располагање за секоја информација за воздухопловното моделарство и максимално ќе се заложам, од мое име и во име на редакцијата, да го постигнете посакуваниот успех.
Перица Поповски


Како до помал опсег од стабилизиран извор за напојување (Емитер 11-12/2014)

Почитувани,
По ваша препорака го изработив стабилизираното напојување од бројот 1/2008 (www.emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=181), и тоа одлично функционира. Имам мала нејаснотија, за која ми е потребна ваша помош. Мене ми треба излезен напон којшто би се регулирал од 8,5Vdc до 9,5 Vdc (а не од 3 до 30 Vdc). Каква модификација треба да направам врз овој уред за да го добијам бараниот напон?
Со почит,
Игор Димитриевски

За стабилизираниот извор од Емитер 1/2008 да дава излезен напон во опсегот од 8,5 до 9,5V,
потребни се следните измени:
P1=1k
R2=4k8
R3=8k5
R4=10k
R5=10k
Бидејќи P2 и R3 се нестандардни вредности, постојат 3 опции:
1. За R2 и R3 да се употребат тример потенциометри и да се нагодат на потребната вредност.
2. За R2 и R3 да се употреби сериска врска на отпорници со стандардна вредност за да се добие што поточно потребната вредност.
3. Да се употребат најблиските отпорници со стандардна вредност:
R2=4k7
R3=8k2
Притоа ќе се добие опсег на промена на излезниот напон од 8,436V до 9,465V, што е доволно блиску до бараниот опсег.
Формулите за пресметување на излезниот напон при R4=R5 и Uref=7,15V (од даташитот на колото) се:
Umin= 2•Uref•R3/(R3+R2+P1)
Umax=2•Uref•(R3+P1)/(R3+R2+R1)
Денис Галовски

Ви благодарам за одговорот, но сум ви испратил погрешни информации за уредот. Имено, уредот не е од Емитер број 1/2008, туку од 3/2005 ("Стабилизиран извор за напојување за 0-30V/0-3A" – emiter.com .mk/ poveke.php?napis_id=1315). Затоа, повторно ве замолувам да ми кажете каква модификација на ова коло треба да направам.
Се извинувам за мојата ненамерна грешка и се надевам дека во најбрз рок ќе ми помогнете.
Со почит,
Игор Димитриевски

Постојат повеќе опции да се добие посакуваниот напон, но бараат покомплицирани пресметки и промена на повеќе елементи. Опцијата што ја предлагам е наједноставна.
Уредов работи на следниот принцип. На излезот од IC2 се добива референтен напон Ur со вредност од 11,2V. Овој референтен напон се регулира со помош на P1 од 0 до 11,2V и се засилува со IC3 за околу 3 пати, при што се добива излезен напон од 0 до 30V. Проблемот е во тоа што IC3 работи како неинвертирачки засилувач, каде што засилувањето не може да биде помало од единица. Од друга страна, не би го менувал референтниот напон Ur бидејќи истиот се користи и во струјниот ограничувач и тој би претрпел промени. Затоа, најдобро е да се намали засилувањето на IC3 и да се ограничи напонот на P1.
Потребни се следниве промени:
R21 потребно е да се замени со отпорник од 1k, при што ќе добиеме засилување на IC3 од 1,037. Потенциометарот P1 треба да се замени со вредност од 1k, а сериски со P1 да се стават два повеќеобртни тримери – ако сакаме точен опсег од 8,5 до 9,5 волти, односно два фиксни отпорници – доколку се дозволени одредени отстапки. Отпорникот (тримерот) поставен од горната страна на P1 ќе го означиме со Rx, а тој поставен од долната страна со Ry. Вредноста на овие тример потенциометри, односно отпорници, ја определуваме на следниот начин. Прво го мериме напонот Ur на излезот од IC2 (би требало да изнесува 11,2 волти), но во пресметките, потребно е да се земе измерената вредност.
Пресметките се следни:
Umin=Ur•Ry•A/(Rx+Ry+P1)
Umax=Ur•(Ry+P1)•A/(Rx+Ry+P1),
каде што Ur е измерениот референтен напон или може да се земе вредноста 11,2V. A е засилувањето на IC3 и се пресметува како (R21/R15)+1 и за R21=1k изнесува 1,037.
Бидејќи сите променливи ни се познати, освен Rx и Ry, се решава систем од две равенки со две непознати, и се добива Ry=8k5 и Rx=2k1.
Ако се употребат отпорници со точност од 5%, со стандардни вредности 8k2 и 2k2, се добива опсег од 8,2 до 9,37V; а ако се употребат отпорници од 1%, тогаш може да се употребат отпорници од 8k45 и 2k1, па ќе се добие опсег од 8,5V до 9,5V.
Добро е и да се намали засилувањето на високите фреквенции, па за тоа треба да се зголеми вредноста на C8 на 1nF или повеќе.
Денис Галовски


Проект за мини TL звучна кутија (Емитер 11-12/2014)

Здраво редакцијо,
Со син ми, кој почна и самиот да плива во овие електроничарски води, го составивме засилувачот "Паганини" со TDA2030A од Емитер бр. 5/2009. Наместо колото, TDA2030 го ставивме TDA2050, и добивме појак, убав звук на пристојни звучници. Ова коло вади некаде околу 30W на 4-омски звучници, барем така пишува во даташитот. Затоа сакам да поставам прашање до редакцијата, а и до г. Филевски, кога ќе направи проект на звучници во TL-изведба со моќност од околу 40 до 50W, токму за овој засилувач. Ова го велам бидејќи во претходните броеви тој имаше проект на миди TL-звучник и на крајот од проектот беше напишано дека ќе има и проект за мини TL-кутија. Но, како што гледам, во наредните броеви таков проект нема. Сега во Македонија има многу фирми што продаваат звучници, а има и во неговата фирма "Аудио експерт". Ја замолувам редакцијата, ако е во можност, да објави таков проект кој ќе биде со прифатлива цена за поголем број читатели на Емитер. Со овој проект и синот ќе го израдувате со комплетирање на стерео-засилувачот со TDA2050 заедно со добри звучници од вашиот проект.
Поздрав до редакцијата и продолжете само така.
Пере-Петруш, Армагедон

Во подготовка е еден проект кој би можел да се нарече Mini TL, но многу е релативно дали цената ќе биде "прифатлива", со оглед на цената (и квалитетот) на драјверот. Во поранешните TL-проекти најчесто користев реалативно евтини кинески звучници, но нивната ниска цена си имаше свои последици – поголеми изобличувања, мала ефикасност и нерамна амплитудно-фреквенциска карактеристика (АФК). Иако за тие проекти направив оптимизирани свртници, сепак направив некои компромиси – АФК не беа најрамно можни, бидејќи во тој случај свртниците ќе беа многу покомплицирани и поскапи, а ефикасноста уште помала. Во тие времиња изборот на звучници беше ограничен само на релативно евтини, но неквалитетни кинески звучници.
Денес ситуацијата е подобра во однос на понудата на звучници, па во секој момент би препорачал нешто поскапи, но многу поквалитетни звучници. Добар почетен индикатор за квалитетот на звучникот е дали производителот воопшто има своја интернет-страница, со податоци за Thiele-Small параметрите и за АФК.
Владимир Филевски


Колкави изобличувања распознава човекот (Емитер 11-12/2014)

<b>Ова писмо е прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор е награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.</b>

Здраво,
На почеток сакам да ви упатам честитки и пофалби за досегашната работа и за прекрасните содржини што ни ги испорачувате сите овие 19 години. Јас воглавно се интересирам за аудиотехниката и електрониката, но наоѓам задоволство и во другите статии и рубрики. Моето прашање е токму од електрониката и аудиотехниката и се однесува на изобличувањата.
На интернет и во многу статии во Емитер (последно во проектот за 140W засилувач од бројот 8-9/14), сум прочитал дека изобличувањата (THD и IMD) треба да бидат што помали, некаде се препорачува помали од 1%, некаде помали од 0,2-0,1%, а некаде има други бројки или воопшто нема конкретна препорака туку само се вели да бидат "што помали". Ме интересира која е вистинската граница на распознавање на THD и IMD изобличувањата, односно која вредност на изобличувањата ја распознава човекот. Со други зборови, која вредност на THD и IMD е доволно да биде задоволена кога купуваме или самите изработуваме некој засилувач?
Однапред ви благодарам на одговорот и ви посакувам натамошен успех.
Дарко Марковски

Слушните тестови докажале дека човечкото уво може да забележи вкупни хармонички изобличувања THD=0,2% кај снимена флејта. Интермодулациските изобличувања IMD нераскинливо се врзани со THD – не може IMD да е големо, а истовремено THD да биде мало. Според тоа, изобличувањата THD треба да бидат најмногу 0,1%.
Сосема друга ситуација е кога некој намерно конструира засилувач да има големи изобличувања, за да постигне "интересна" боја на звукот од засилувачот. Но, тоа веќе не е оригиналниот, природен звук, туку вештачки обоена фантазија.
Владимир Филевски


Фина регулација на струјата (Емитер 10/2014)

Почитувани,
Имам прашања во однос на написот "Извор на константна струја" од Емитер бр. 10/2011: http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=3827
Можете ли да ми кажете во колкави чекори би била струјната регулација на уредот?
Мене ми треба пофина контрола на регулација во опсегот од 1mA до 20mA бидејќи сакам да го применам во апарат за сребрена вода.
Ви благодарам,
Иван Треневски

Регулацијата на струјата во наведеното коло е континуирана и се врши со потенциометар. Нагодувањето може да биде прилично прецизно ако на потенциометарот поставите изгравирана скала. Вториот начин е наместо потенциометар да поставите делител на напон со преклопник со повеќе положби и соодветни отпорници, при што вредноста на струјата за секоја положба може прецизно да биде одредена со вградените отпорници (металфилм со толеранција 1% или помала).
Сите други податоци ги имате во написот, вклучително и тоа кои вредности треба да се сменат за да се добие регулација до 20mA. Наведениот број, ако го немате, можете да го набавите од редакцијата: http://emiter.com.mk/prethodni.php
Слободан Таневски


ППК со погрешни димензии (Емитер 10/2014)

Здраво редакцијо на Емитер,
Ви ја враќам плочката ППК1232, наменета за проектот "Подобрен ESR-метар" (од Емитер бр. 10/12 и 11/12) поради грешка во неа. Имено, на плочката не можам да ги наместам IC1 и IC3, а исто така и надворешните димензии на вашата плочка се разликуваат од димензиите на оригиналната плочка од употребениот мерен инструмент YX-360. Како доказ ви ја праќам оригиналната плочка и очекувам исправна плочка.
Ангелче Илиев
од Штип

Плочките со печатени кола (ППК) коишто ги обезбедува Емитер се полупроизвод изработен со фотопостапка или некој друг соодветен начин. Тие се наменети за понатамошна обработка за да се добие конечниот изглед и функционалност. Ова значи дека вие самите треба да ја "скроите" до конечните димензии, да ја премачкате со слој којшто обезбедува квалитетно лемење на компонентите, да ги издупчите сите дупки, како за елементите така и за монтажата на плочката и, на крајот, да ги проверите сите водови да не има некој прекин или краток спој. За ППК кои имаат претензија да бидат употребени во некој професионален уред, додатно да нанесете слој од калај врз бакарните водови. Така, и само така, ќе добиете додадена вредност еднаква на разликата во потрошената работа и материјалните средства. На тој начин се добива печатена плочка со ниво на обработка како на сликата 5, на стр. 46 од Емитер бр. 11/12. Ајде, можеби би се посомневале во веродостојноста на искажаното бидејќи плочката од оваа слика не е изработена од истиот материјал како вашата, тогаш погледнете ја сликата 7 на страница 51 од истиот број, каде што е употребен ист материјал како кај Вашата ППК. Разликата е очигледна и се состои од 4 полни часа напорна работа. Ете, можеби јас сум бавен, ама она што моите раце ќе го фатат, добива нова димензија од која се гордеам. Тежнеење што е толку својствено за многу генерации градители –ентузијасти.
Што е проблемот со Вашата плочка? Од "прва" може да се каже дека таа не претрпела некоја конзиситентна обработка, па затоа "не успевате" да ги ставите интегрираните кола на свое место, што "од прва" му успеа лично на уредникот на списанието. Можеби тој е поголем авторитет, па интегрираните кола него го "слушаат"! Сепак, погледнете ја фотографијата каде што се поставени ИК за кои тврдите дека вие не можете да ги наместите поради наводна грешка во плочката. Верувајте, димензиите на електронските компонени се строго дефинирани и тука, ни вие, ни јас, а уште помалку уредникот, не можеме ништо друго да направиме, туку да се придржуваме кон нив. Впрочем, Емитер тоа го прави веќе 19 години преку реализација на стотици и стотици успешни проекти.
Па каде е грешката тогаш? Грешка во обработката има, и таа се состои од употреба на "тапа" бургија, што е очигледно од "трагите" што сте ги оставиле на инкриминираната ППК. Но најбитно е дека дупките се бушени под некој агол, и секоја дупка си води "своја политика". Тоа, поради дебелината на материјалот, резултира со "децентрирани" дупки коишто отстапуваат дури и по половина милиметар. Сепак, и покрај ова, интегрираните кола можат да се постават на своите места поради фактот што тие имаат изводи со помал дијаметар од избушените дупки.
Што се однесува до димензиите на целата плочка (53 x 75 mm), тие се "скроени" според оригиналната плочка на употребениот мерен инструмент, во случајот AVO-метарот YX-360TR-ES на фирмата SUNWA, а во текстот на написот во Емитер 11/12, на речиси цела страница е објаснет изборот и улогата на овој мерен инструмент и нагласено е дека други модели со слична ознака (YX-360, на пример), а особено оние од други производители, можат да имаат друга плочка со поинакви габарити. Па од каде тогаш Вашата изненаденост од фактот што оваа плочка не пасува на "вашиот" мерен инструмент!?!
Што може сега да се стори? Емитер секогаш им излегува во пресрет на барањата на градителите – ентузијасти безрезервно помагајќи ги во реализацијата на нивните проекти. Та Македонија е мала земја и, следствено, мал е бројот на градители – ентузијасти, па тие треба да се чуваат како малку вода на дланката. Во тој контекст, Емитер безрезервно Ве поддржува во Вашите настојувања и ќе Ви испрати друга ППК, која овој пат ќе биде специјално изработена за Вас и ќе има поголеми маргини за да можете неа да ја "искроите" на потребните димензии кај Вашиот AVO-метар. Сепак, остануваат две работи кои мене лично ме загрижуваат:
Погледнете ја сликата 5 на стр. 46, од Емитер бр. 11/12, многу битно е правилно да се изработи дупката означена како елемент 2 за постоечките бакарни контакти да дојдат точно на лизгачите направени на нашата ППК, а означен како елемент 1. Многу битна е и изработката на елементот 3, предвиден да го ограничи движењето на преклопникот на само 2 позиции. Сосема возможно е дека токму овие димензии нема да одговаараат во Вашиот случај. Тогаш ќе мора самите да изработите нова ППК, која би одговарала на овие габарити!
Емилијан Иљоски


Напојување за дигитална контрола на предзасилувач (Емитер 10/2014)

<b>Ова писмо е прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор е награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.</b>

Почитувани,
Редовен читател сум на вашето списание уште од првиот број. Секоја чест за вашата истрајност што во овие тешки години непрекинато успевавте да го одржувате списанието на високо ниво. Се надевам дека така ќе продолжите и во наредните 20 години :)
Во процес сум на изработка на дигитална контрола на аудио предзасилувач, и наидов на некои проблеми околу нејзиното напојување. Имам потреба од повеќе напони, меѓу кои 5,0V; 3,3V; 1,5V. Како извор за наизменичен напон би користел еден трансформатор. Гледав некои решенија на интернет коишто користат трансформатор со повеќе намотки, па секој напон го водат на посебен исправувач и стабилизатор. Некои решенија се од еден излез на трансформаторот преку грец и кондензатор, па потоа се раздвојуваат стаблизатори за различни напони, некои пак, од исти наизменичен напон, преку исправувач, па до стабилизатор.
Кое решение ми го предлагате вие како најправилно.
Ви благодарам однапред
Златко Стојановски

Не може да се даде прецизен одговор на Вашето прашање од проста причина што не е назначена потребната моќност на секој од наведените извори на напон. Како појдовна референца би послужил и податокот кој микроконтролер/DSP се користи во Вашето решение. Зборувам за решение микроконтролер/DSP поради тоа што ги наведовте напоните од 5 и 3,3 V, толку својствени за "стандардните" дигитални аудио решенија. Инаку, на пазарот постојат повеќе понови модели на ИК за оваа намена, каде во самиот чип се интегрирани потребните регулатори на напон за правилна работа на самото ИК, па доволно ќе е да се донесе само еден напон од (вообичаени) 5 V.
Од друга страна, во аматерски услови, тешко ќе најдете соодветен трансформатор со повеќе изводи. Зборувам за мрежен трансформатор од 230V на потребните напони; додека ако сакате да употребите импулсно напојување и импулсен трансформатор, нема апсолутно да имате можност да набавите таков каков што ви е потребен, туку тој ќе треба да се изработи. Тоа, а и комплексноста на самите импулсни регулатори, ги прави нив сосема неподобни за решенија применливи во аматерски услови.
Тогаш Ви останува само следното: да се информирате колкава струја е потребна за секој напон пооделно, па да изработите линеарни стабилизатори на напон од 5 V и 3,3 V деривирани од една иста секундарна намотка на трансформаторот од вообичаени 6 до 9 V која треба да може да даде струја од најмалку онолку колку што е збирот на сите 3 струи потребни кај сите 3 напони. Третиот напон од 1,5 V најлесно ќе го добиете на краевите на две исправувачки диоди врзани на ред заедно со еден отпорник, сè тоа врзано на излезот на регулаторот од 3,3 V. За да немате поголеми проблеми со аналогни/дигитални маси, препорачувам и аналогната и дигиталната маса да се доведат со посебни жици што поблиску до регулаторот од 5V, што е вообичаена практика кај вакви решенија.
Вакво решение може да се покаже непримерно кај некои типови микроконтролери/DSP коишто "бараат" поголеми вредности на струите за правилна работа. Навистина, некои "нешто постари" модели на микроконтролери/DSP наменети за дигитални аудио апликации редовно бараат 5V/2A; 3,3V/3A, па некои дури и 5A! Тоа, заедно со потребната струја за 1,5-волтното напојување, може да даде збир од дури 10A! Па сега, со трансформатор со извод од 9V би барало тој да е со моќност од најмалку 9 x 10 = 90W! Ако употребиме 20-ина вати за напојување на чиповите, цели 70 ќе се претвораат во топлина, со што без проблеми во реално време можеме да вариме кафе! Затоа, во "реалната" понова дигитална електроника, редовно се изработуваат импулсни регулатори на соодветните потребни напони и поради нивниот голем степен на полезно дејство, би имале дисипација од само неколку вати.
Инаку, готов изработен (и минијатурен, но моќен) импулсен регулатор на напон на 3,3 V од постоечките 5 V можеме да најдеме во постарите матични плочи за PI (и некои PII) процесори којшто користат AT напојувања (кај поновите ATX напојувања, 3,3V се "создаваат" во самото напојување). Додека сличен регулатор со кој добиваме 1,4 до 2,1V од 3,3V во зависност од употребената верзија на PIII или PIV процесор) можеме да најдеме во расходувана матична плоча којашто користи ATX напојување, па можеби оттука би требало да појдете ако сте подготвени да го совладате предизвикот да научите "нешто повеќе" за импулсните напојувања!
Емилијан Иљоски

Не напишавте колкава треба да биде потрошувачката на струја за секој напон посебно, а тоа многу ја менува ситуацијата и решението. Претпоставувам дека потрошувачката на струја ќе биде мала, па според тоа наједноставно, најевтино и најдобро решение е да користите трансформатор со еден секундар, а по него грец и кондензатор. Потоа се можни две решенија:
1. На кондензаторот паралелно се приклучуваат влезовите од трите напонски регулатори. Негативна страна на ваквото решение е тоа што на напонскиот регулатор од 1,5V ќе има најголема дисипација на топлина, бидејќи разликата на напони кај него е најголема. Но, ако потрошувачката на струја е мала, тоа нема да биде некој проблем.
2. Каскадна врска на регулаторите – по грецот и кондензаторот, еднонасочниот напон оди на влезот од напонскиот регулатор од 5V, неговиот излез оди во влезот од регулаторот од 3,3V, а од неговиот излез во влезот на регулаторот од 1,8V. Вака се добива "поиспеглан" напон од 1,8V и 3,3V (ако тоа воопшто е важно), но во овој случај мора да се користат low-dropout напонски регулатори, бидејќи обичните напонски регулатори бараат најмалку 2V разлика меѓу влезниот и излезниот напон. Негативна страна на ваквото решение е тоа што низ првиот регулатор од 5V ќе минува најголема струја, која е збир од потрошувачката на струја од трите регулатори. Слично, низ регулаторот од 3,3V ќе тече и струјата потребна за регулаторот за 1,5V. Повторно, тоа не е некој проблем ако вкупната потрошувачка на струја е мала.
Направете пресметка за дисипацијата на топлина (непотребно потрошената енергија) во двата случаја, вклучете ја разликата во цената за low-dropout напонските регулатори и големината на потребните ладилници, па одберете го најповолното решение.
Владимир Филевски

Ви благодарам за исцрпниот одговор. Се извинувам што не ви ја пишав потрошувачката на струја бидејќи е мала и ја сметав за занемарлива. Како стабилизатори решив да употребам LT1084 (5V и 3,3V) на Linear Tehnology од кои имам неколку семплови. Тие имаат мал dropout напон и многу поголема излезна струја отколку што мене ми е потребна.
Поздрав,
Златко Стојановски

LT1084 е квалитетен "low drop out" напонски регулатор со максимална струја од 5A кој, меѓу другото, често беше користен во "постарите" дигитални аудиоуреди коишто за својот микроконтролер/DSP бараа поголеми струи.
Мое мислење е дека ако се работи за мали струи, коишто се потребни кај поновите микроконтролери/DSP, нив да ги обезбедите со далеку поевтините регулатори од серијата 78Lxx (или нивни клонови), а доколку не ви е битен габаритот – со уште поевтините 78xx регулатори. 1,5 волти останува да се изработат со 2 редно врзани исправувачки диоди од 1A на ред со соодветен отпорник. Се надевам дека знаете да го употребувате Омовиот закон, па лесно ќе можете да го пресметате редно врзаниот отпорник во зависност од потребната максимална струја. Но, ако сакате, можете да ми ја дадете вредноста на таа струја, па јас ќе ја пресметам неговата вредност.
Ако не употребите "low drop out" напонски регулатори, нема да можете нив да ги врзувате каскадно (8-10V нестабилизиран > 5V стабилизатор > 3,3V стабилизатор > 1,5V), туку нивните влезови ќе можете само да ги врзете паралелно со нестабилизираниот напон од 8 до 10V. Претходната забелешка за начинот на врзување на дигиталната и аналогната маса ќе важи и тука.
Емилијан Иљоски


Со електроника против куче што цивка (Емитер 8-9/2014)

Здраво Емитер,
Имам едно прашање за вас. Имам сосед кој поседува куче што постојано цивка под мојот прозорец наутро околу 6-7 часот и ми го крши сонот. Двапати во минативе 4 месеци културно му посочив дека кучето не ме остава да спијам со цивкањето, ама тој никако да си најде решение. Бидејќи не сакам да го трујам кучето, единствено ми останува да го пријавам кај инспектор, да го тужам или да направам ултразвучна зујалка за којашто се надевам дека ќе го натера кучето постојано да цивка, па цело маало да реагира на цивкањето, а и него да го фати срам и да нема мир, и сам да си го смири кучето. Дали може таква ултразвучна зујалка да се направи/купи и дали би имала некаков ефект? Ефектот којшто сакам да го постигнам би бил или да прекине да цивка, под претпоставка дека некако зујалката би го "хипнотизирала" или да почне да го нервира, па да цивка толку интензивно, што евентуално би предизвикало сопственикот да почне да чувствува срам и непријатност пред останатите соседи, а и самиот да нема мир. Дали може со таква зујалка да се постигне ова?
Поздрав,
Зоран Јанкулоски

Колку што ми е познато, некој посебен уред за смирување на лаење и цивкање на кучиња не постои, освен мајка му или некој човек да го смири. Постојат решенија за плашење и растерување на кучиња и мачки, кои тоа најчесто го прават со помош на ултразвук, како колото од Емитер 9/13: http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=4504
Слободан Таневски


Избор на рисивер (Емитер 8-9/2014)

Здраво,
Би можеле ли да ми дадете мислење за долунаведените 3 рисивери? Многу би ми значело Вашето мислење и сигурно би го одбрал тој што Вие би ми го препорачале. Ми имате дадено препорака за многу проекти од Емитер, кои успешно ги имам изработено и сум презадоволен од нив, па се надевам би ми помогнале со овој проблем којшто не се надевав дека ќе биде толку тежок. Се работи за
Yamaha avr x 477 (на стр. 117 е спецификацијата)
Pioneer vsx-529-k (на стр. 64 е спецификацијата)
Denon avr x1000 (не сум многу воодушевен од моделот, но само тој е во истиот price-range кај нас.)
Мене најмногу ми се допаѓа Yamaha бидејќи изгледа квалитетно изработено и деловите коишто можев да ги видам изгледаа квалитетно, а не можам да го кажам истото за Pioneer. Сепак, тој има hdmi 2.0, што во иднина би имал придобивка од 4K со 60fps.
Во прилог поставив 2 pdf фајла, упатства во кои на последните страници стојат спецификациите, па според неа, се надевам, ќе ми препорачате што е подобро.
Инаку, имам звучници Jamo E650 (стари се 10 години, но даваат супер звук). Воглавно слушам стерео, единствено кога ќе преземам филм во 5.1, тогаш само surround кој не го преферирам многу.
Би Ве прашал уште нешто. Имам рисивер Panasonic SA-HE70, сите влезови работат, освен дигиталните 2 оптички и еден коаксијален. Тие се на одделна плочка. Овој проблем се појавуваше кога ќе заѕвони ѕвонче на врата или ќе се вклучи светилка или клима и наеднаш, на секунда ќе го снема дигиталниот сигнал, па пак ќе се појави. Сега престана да прави така, и воопшто не го препознава дигиталниот сигнал. Сменив неколку кондензатори на плочката, но тоа не направи никаква разлика. Знаете ли некој сервисер што би можел да се обиде да го реши проблемот, бидејки овластените сервиси како Видеодата не порачуваат делови за уреди постари од 10 години, со тоа што не се нафаќаат да го прават.
Се извинувам ако ви одземав многу време и ќе ве разберам ако немате време да ми одговорите за рисиверите. Сепак, очајно ми треба помош за изборот, па се одлучив да побарам од вас.
Со почит
Бранислав Стратров

Од спецификацијата на наведените рисивери не може да се процени квалитетот, туку единствено може да се види излезната моќност, која е многу слична за сите наведени модели. Треба да се пребараат специјализираните списанија што тестираат вакви уреди, за да може да се стекне појасна слика за тоа кој од нив е подобар.
Од спецификациите може да се види со кои и какви конектори располагаат и врз основа на потребите да се донесе одлука, но тоа е премногу субјективна работа. Општо земено, добро е да се одбере оној рисивер кој ги има најновите технички решенија – најнова верзија на USB, HDMI, ...
Но, лично мислам дека нема потреба да купувате скап ресивер, затоа што, како самите кажувате: "Воглавно слушам стерео единствено кога ќе преземам филм во 5.1 тогаш само surround кој не го преферирам многу". Зошто да трошите пари на нешто што не преферирате? Можете да одберете некој поевтин модел на рисивер, на пример Pioneer VSX-323, особено со оглед на тоа што Jamo E650 не се во рангот на поквалитетните звучници.
Не е едноставно да се заклучи во што е проблемот со Panasonic SA-HE70, но на прв поглед личи на преосетливост на процесорот на напонски промени. Треба да се провери колото за ресетирање и малите (керамички) кондензатори околу процесорот и придружните дигитални кола. Сепак, оваа работа доверете ја на искусен сервисер на аудиоопрема.
Владимир Филевски


Уред за заштеда на електрична енергија (Емитер 8-9/2014)

Здраво редакцијо!
Најнапред поздрав до сите во редакцијата.
Имам едно прашање во врска со електронски уред за заштеда на струја што го видов на интернет-огласник: http://www.reklama5.mk/AdDetails?ad=980996. Овој уред со ознака SD-001 се продава за 1000 денари со овие карактеристики:
- ја намалува потрошувачката на ел. енергија;
- едноставен за употреба, само се вметнува во штекер;
- го стабилизира напонот и го апсорбира вишокот на ел. енергија;
- 1 уред е за 1 фаза.
Затоа сакам да прашам дали сте запознаени со уредот, ако сте запознаени, дали навистина овој уред од 1000 денари штеди струја или е маркетиншки трик?
Благодарам однапред за евентуалниот одговор.
Поздрав од Пере – Петруш Армагедон

Овој уред не штеди струја и немојте да го купувате. Всушност, овој уред ништо не прави.
Интересно, на него пишува spixe buster наместо spike buster – дури не се ни потрудиле правилно да го напишат изразот на англиски.
Владимир Филевски

На сликата гледам уред што личи на полнач, но не е тоа. Има две LED диоди, колку да се види дека нешто работи, и да не нè јаде сомнеж дека сме купиле неисправен уред, Но освен што цело време ќе зафаќа еден штекер и нè потсетува дека сме направиле еден домаќински гест, никаква корист од него нема. Слични производи има многу. Еден од најсмешните (за мене) се магнетите во облик на прстен што се ставаат околу доводот за гориво во карбураторот кај автомобилите. Демек овие магнети, незнам за колку % ја намалуваат потрошувачката на гориво при иста моќност на моторот и слично.
Заштеда на сметките за електрична енергија може да се постигне со нејзино порационално користење. На пример, ако бојлерот преку цела ноќ одржува 60 литри вода под 60 степени, а никој нема потреба од таа вода, тогаш може и без тој трошок. Палењето и гасењето на бојлерот не е голема работа, но сепак е обврска. Ако ова го прави некој програмабилен тајмер, тогаш овој уред навистина заштедува енергија, а не ова што се нуди на рекламата. Друг начин на заштеда се застерените и енергетски неефикасни уреди. Пример, ако фрижидерот е стар. Вратата не налегнува (мајсторски дихтува) како што треба, постојано мрзне или протекува, тогаш тој троши повеќе од нов уред. Ходниците, бањите, претсобјата без природно осветлување се места каде што мора да запалиме светилка и потоа да ја исклучиме. Но, честопати забораваме да го направиме тоа. Речиси сите кафулиња во градов овој проблем го решија со поставување сензори за движење. Додека се вртка некој во собата свети, потоа автоматот ги гаси светилките. Постојано вклучените компјутери исто така придонесуваат за поголеми сметки. Јас правев мерења кај мене дома и дојдов до заклучок дека јас и синот со постојано вклучени компјутери (на стендбај повеќето време) трошиме повеќе од дотраениот фрижидер. Употребата на соларни колектори за греење вода, готвење на гас се исто така многу ефикасни начини за заштеда на електрична енергија. Значи, тоа се насоките во кои треба да се рамислува а не во купување на вакви шарлатански производи.
Кирил Крстевски

Здраво уредништво на Емитер,
Еве јас повторно се јавувам, бидејќи најдов некои информации за овој штедач на ел. струја SD- 001 со шема, за да можете вие подетално да одговорите за што се работи во овој случај.
http://archive.siliconchip.com.au/cms/A_109592/article.html
На дадениот линк ја има шемата со повеќе објаснувања, за да можете да ја објавите во Емитер, бидејќи мислам дека ќе биде интересно проектче за многумина.
Поздрав од Пере – Петруш Армагедон

Како што претходно кажавме, овој уред не штеди струја. Тој со кондензаторот на влезот само врши промена на факторот на моќност (косинус фи) од кој зависи износот на реактивната моќност. Но кај домаќинствата ЕВН ја мери само активната моќност, што значи дека факторот на моќност е неважен. Единствено позитивно од ова коло е варисторот, со кој се апсорбираат пренапоните (напонските "шпицови") во мрежата, но за таа намена има многу поевтини и поквалитетни филтри со пренапонска заштита. Останатиот дел од колото е обичен насочувач за побуда на LED диодите, коишто со светењето го "убедуваат" корисникот дека уредот си ја врши наводната функција на заштеда на електрична енергија. Резиме – не трошете си ги залудно парите на овој уред!
Претпоставувам дека сега многумина ќе ни се јават да го негираат нашиот одговор, па за сите нив во следниот број ќе објавиме поширок напис на оваа тема.
Слободан Таневски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (http://www.emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.