Автоматско палење на фарови (Емитер 6-7/2014)

Почитувани,
Баш би сакал да објавите една статија во рубриката "Електроника" во која би имало информации како да се изработи модул за дневни светла на автомобилот (автоматско палење на фарови со одложување и контрола на дневни светла со ЛЕД-диоди). Ви испраќам и неколку линкови кои би ви дале идеја за што поточно зборувам.
Филип Чалев

Во претходните броеви имаме објавено повеќе статии за самоградба на коло за автоматско вклучување и исклучување на автомобилските светла, како и за аларм за истата намена. Погледнете ги статиите во броевите 10/2002, 9/2004 и 12/2006:
<a href='http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2540'>http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2540</a>
<a href='http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1740'>http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1740</a>
<a href='http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1739'>http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1739</a>
<a href='http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=622'>http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=622</a>
Во секој напис, освен шемата ќе најдете и детален опис на колото и упатства за изработка и нагодување. Избраните броеви можете да ги набавите од Редакцијата според следниве услови:
<a href='http://www.emiter.com.mk/prethodni.php'>http://www.emiter.com.mk/prethodni.php</a>
За дел од електронските конструкции имаме и готови плочки со печатени кола (ППК). Повеќе информации за нашите ППК и за начинот на нивна набавка прочитајте на: <a href='http://www.emiter.com.mk/ppk.php'>http://www.emiter.com.mk/ppk.php</a>
Слободан Таневски


ЛЕД-светилка и акумулатор за осветлување на пано (Емитер 6-7/2014)

Здраво,
Сакам да купам LED-светилка и акумулаторска батерија за неа за осветлување пано со димензии 70 x 120 cm, кое треба да биде осветлено 5 часа. Дали можете да ми кажете колкава осветленост е потребна за ова пано, да ми препорачате каква светилка (W/lm) и каква батерија (V/Ah) е потребна за напојување на светилката во траење од 5 часа?
Виктор

Ништо не е едноставно, па ниту "обично" осветлување на едно рекламно пано. За да може конкретно да се одговори, потребни се дополнителни информации. Дали ова пано е внатре во град, на место осветлено со улично осветлување, или е надвор од населено место, на автопат? Потребната и дозволената осветленост драстично се разликуваат во двата случаја. Во град осветленоста треба да биде од 100 до најмногу 300 cd/m2, додека надвор од населено место, на автопат, дозволено е најмногу 30 cd/m2.
Површината на паното е 0,84 m2, па неговата осветленост треба да биде најмногу 240 lm (24 lm на автопат). Бидејќи рефлекторите најчесто даваат кружно осветлување, кругот треба да има дијагонала колку дијагоналата на правоаголното пано, а тоа е 1,39 m. Значи, светилката треба да даде 400 lm (40 lm). Купете LED-светилка со толку лумени и насочете ја со рефлектор концентрирано кон паното. Видете колкав напон бара таквата светилка и видете која е потрошувачката за струја I. Купете акумулатор со тој напон, а неговиот капацитет во Ah одредете го според формулата 5xI (или нешто повеќе).
Владимир Филевски


Што е тоа рид-релеј? (Емитер 6-7/2014)

Здраво редакцијо.
Најпрво поздрав до редакцијата, речиси сум редовен читател на Емитер со некои исклучоци.
Инаку, имам прашање ако сте во можност да ми одговорите. Се работи за Reed reley, што е тоа и каде се применува во електрониката?
Однапред благодарам за одговорот.
Петруш Армагедон

Тоа е релеј чие вклучување/исклучување се контролира со надворешно магнетно поле. Вклучувањето/исклучувањето може да биде механичко – со приближување/одалечување на магнет, или електрично – со намотка (соленоид) околу рид-релејот низ која се пушта/исклучува електрична струја. Рид-релеите се во облик на долгнавесто и тенко стаклено балонче (херметички затворено), во чија внатрешност има две "перца" чии врвови се на мало растојание, но кои ќе се допрат во присуство на магнетно поле.
За разлика од класичните електромеханички релеи, рид-релеите работат многу побрзо и имаат многу висока сигурност (доверливост), што обезбедува долготрајна работа без одржување. Рид-релеите особено многу се користеа во старите аналогни телефонски централи. Можат да се употребуваат секаде каде што е потребна многу висока доверливост (на пример, како сензори за детектирање на оворање врати и прозори кај алармните централи), а единствен недостаток им е релативно малата струја која може да ја прекинуваат – обично под 0,1 A, иако има и модели кои издржуваат дури и до 3 A (но со многу висока цена).
Повеќе за рид-релеите имаме пишувано во склоп на серијалот "Почетен курс по практична електроника", конкретно во бројот 11/1998, но бидејќи тоа било одамна, ќе се потрудиме да подготвиме нов напис на оваа тема во некој од следните броеви.
Владимир Филевски


Статии за топловодно греење (Емитер 6-7/2014)

Почитувани,
Случајно пребарувајќи по интернет во врска со топловодно и парно греење, ја открив вашата веб-страница и вашето списание, иако порано само го имав слушнато името. Ми се виде мошне интересно и има многу информации кои се поврзани со мојата работа и струка, па искрено би сакал да ги имам броевите на вашето списание во кое е објаснет принципот на работа на парното и топловодното греење.
Ме интересира, дали би можеле да ми посочите во кои броеви се наоѓа таа проблематика и дали може да ги купам некако тие броеви? Мислам дека се работи за броевите од јуни и јули-август 2013 година.
Се надевам дека ќе ме контактирате најбрзо што може, за што однапред ви благодарам,
Петар

Поставувањето на систем за топловодно греење беше презентирано во "Емитер" преку серијал од 5 написи од бројот 5/13 до 10/13:
Општо за темата греење имаме објавено и други написи во склоп на рубриката "Енергетика", на пример серијалот објавен во Е9/2010 до Е1/2011.
Броевите што Ве интересираат можете да ги набавите од Редакцијата според следниве услови: http://www.emiter.com.mk/prethodni.php
Слободан Таневски


Кондензатори паралелно на диодите од грецов спој (Емитер 5/2014)

Здраво Емитер,
Разгледував шеми на професионални засилувачи и забележав дека кај некои од нив, во напојувањето има 4 мали кондензатори (47nF) поставени паралелно на диодите од грецовиот насочувач. Вакво нешто во шемите од Емитер сум видел само кај лабораторискиот извор од бројот 1/99. Прашањето ми е каква функција имаат тие кондензатори. Веројатно за отстранување на ВФ пречки, но нели ВФ сигналите полесно поминуваат низ кондензатор, па така тие ќе ги заобиколат диодите и така лесно ќе дојдат до засилувачот? Можете ли вие да дадете стручно објаснување за овие кондензатори?
Ви благодарам однапред за напорот и за одвоеното време.
Со почит,
Тодор Здравковски

Намената на тие кондензатори е да се намали фреквенцијата и амплитудата на паразитните високофреквентни резонанции предизвикани од трансформаторот во моментите на исклучувањето на диодите. Не станува збор за некои надворешни високофреквентни пречки кои влегуваат од мрежните 230 V (намалени соодветно преку секундарот на трансформаторот), туку тоа се високофреквентни резонанции предизвикани од паразитното осцилаторно коло составено од паралелната врска на паразитната капацитивност и :"истечната" (leakage) индуктивност на намотките од трансформаторот. Најдобра заштита се постигнува кога на секоја диода паралелно ќe се врзе еден кондензатор и на сето тоа паралелно уште една RC (сериска) комбинација. Вредностите на отпорникот и на кондензаторите се пресметуваат од измерените вредности на паразитната капацитивност и "истечната" индуктивност на намотките од трансформаторот.
Владимир Филевски


За што служат кондензаторите поврзани со електромотор (Емитер 5/2014)

Почитувани,
Имам едно прашање. Отворив еден соковник кој не работи. На моторот од соковникот има поврзано кондензатор. Ме интересира каква улога има кондензаторот во случај кога моторот е направен да врти само во една насока? Од тоа што ми е познато мене, за улогата на кондензаторот можам да ги набројам следниве точки:
1. Го подобрува факторот на моќност. Во смисла, наместо да доаѓа реактивна снага до моторот (моторот е со претежно индуктивна природа) преку жиците и да го намалува капацитетот за пренос на активна енергија по жиците, реактивната енергија се произведува на самото место од кондензаторот кој е поврзан на клемите од електромоторот. Нели, импеданса со индуктивна природа тежнее да влече реактивна моќност, а импеданса со капацитивна природа тежнее да оддава реактивна моќност. Но, кај толку мал електромотор не верувам дека ќе има некаква придобивка и мислам дека ефектите, иако ќе бидат присутни, ќе бидат многу слаби.
2. Служи како филтер за намалување на шумот.
3. Овозможува стартување на електромоторот. Бидејќи електромоторот во соковникот е монофазен, тој нема да заротира ако му донесеме директно една фаза и во таа ситуација со директно донесена една фаза наместо вртливо магнетно поле, ќе создаде пулсирачко магнетно поле кое нема да ротира по обиколницата од моторот. За да се направи постоење на квази-вртливо магнетно поле, во улога влегува спомнатиот кондензатор. Тој прави фазно задоцнување на магнетното поле, односно делува како да има две фази, од коишто едната е реалната, онаа што постои од мрежата, а другата е резултат на фазното доцнење што го прави кондензаторот. Тие две фази се пропуштаат низ две намотки, и тоа овозможува моторот да почне да врти. Без таков кондензатор, моторот нема да почне да врти.
Прашање за во случај кога моторот е дизајниран да врти во две насоки, а е монофазен мотор и пак има кондензатор:
На пример, истиот тој кондензатор го има и кај надворешни единици на клима-уреди и слушнав дека таму имал улога за да може да се врти моторот во две насоки. Јас и понатаму најмногу "гласам" дека дури и во тој случај, кондензаторот сепак служи за да може да стартува моторот, ако и само ако моторот е AC, монофазен. Може и да биде точно дека кај надворешните единици на клима-уредите служи и за промена на насоката на вртење на моторот, но не знам како е изведено тоа решение. Ако навистина служи за промена на насоката на вртење, како е изведено променувањето на насоката? По кој механизам? Барав нешто на нет по ова прашање, но бидејќи го почитувам Вашето знаење и мислење за технички прашања, сакам да видам Вие што ќе кажете.
Па, од сето ова напишано, што мислите Вие, дали:
1) некоја од трите причини погоре е вистинската причина за користење на кондензаторот кај монофазен мотор кој врти во една насока и
2) дали кај климите служи за промена на насоката на вртење?

Благодарам за времето што го одвоивте.
Со почит,
Зоран Јанкулоски

Еднофазен мотор на наизменична струја (AC) во принцип се состои од една статорска намотка низ којашто тече временски променлива струја (по синусен закон), па затоа се создава пулсирачко магнетно поле. Пулсирачкото магнетно поле може да се прикаже како сума од две вртливи полиња со иста амплитуда коишто ротираат во спротивни насоки (директно и инверзно). Стартниот момент на ваквото поле е еднаков на нула – затоа моторот не може да започне да ротира, освен ако на него не се примени дејство од надворешна механичка сила. За да се обезбеди самостоен старт на моторот, односно почетен момент различен од нула, потребно е да се создаде вртливо магнетно поле. Вртливо магнетно поле се создава кога низ просторно поместени намотки ќе течат временски поместени струи. Затоа кај еднофазните мотори се вградува уште една дополнителна (помошна) намотка, чијашто оска физички е поместена во однос на оската на главната намотка и низ којашто треба да тече струја временски (фазно) поместена во однос на струјата што тече низ главната намотка. Во практиката постојат две решенија за самостоен старт на еднофазен мотор:
- мотор со помошна намотка и кондензатор, и
- мотор со краткоспоена помошна намотка (со расечен пол).
Кондензаторот се поврзува во серија со една од намотките, така што струјата во таа гранка фазно се поместува во однос на другата намотка којашто е врзана директно на фазата од напојувањето. Во зависност од тоа како се димензионирани намотките и кондензаторот (и од примената на моторот), кондензаторот може да служи само за стартување на моторот или пак да биде работен кондензатор (постојано вклучен). Кога кондензаторот не е димензиониран да биде постојано вклучен, тогаш тој треба да се исклучи неколку секунди откако моторот ќе стартува. Исклучувањето на помошната намотка и кондензаторот за старт може да се изврши на повеќе начини. Најчест механизам е со употреба на центрифугална склопка. Тоа е механичка склопка сместена на оската на роторот чиишто контакти се отвораат под дејство на центрифугалната сила кога моторот ќе постигне одредена брзина на вртење (најчесто на 75% од номиналната брзина). Без да навлегуваме во детали, исклучувањето може да се врши и со струен релеј или, пак, со соодветна електроника (тајмери).
Моторите кај коишто кондензаторот е работен (постојано вклучен) се нарекуваат кондензаторски мотори. Во зависност од тоа како се димензионирани намотките и кондензаторот, може да се постигнат различни карактеристики. Колку е поголем капацитетот на кондензаторот, толку е поголем и моментот на моторот, но тоа значи и поголема цена и димензија на кондензаторот. Во случаи, пак, кога е потребен поголем почетен момент, моторот се изведува со два кондензатора (дво-капацитивен мотор), еден стартен, друг работен. Стартниот кондензатор само на стартот е вклучен паралелно на работниот кондензатор, а откако моторот ќе го совлада соодветниот почетен момент, стартниот кондензатор се исклучува, и помошната намотка продолжува да работи само со работниот кондензатор (во серија).
Кај моторите со краткоспоена помошна намотка, главната намотка е намотана околу целиот пол и претставува побудна намотка. Во полот е направен расцеп поместен од неговиот центар и во него е сместена помошната краткоспоена намотка. Во помошната намотка се индуцира струја која, што е фазно поместена од главната намотка (според Ленцовото правило, индуцираната струја тежи да создаде магнетно поле кое ќе има спротивен флукс од флуксот на променливото поле што го создава главната намотка).
Реверзирањето (промена на насоката на ротација) на еднофазен мотор со помошна намотка се изведува со едноставна промена на приклучоците на една од намотките. Во случај кога главната и помошната намотка се еднакво намотани, реверзирањето се изведува само со еден преклопник којшто го преспојува кондензаторот во серија со една од намотките. На тој начин, главната и помошната намотка ја менуваат својата функција. Насоката на ротација на моторот е од намотката во којашто струјата претходи кон намотката во којашто струјата доцни. Кај моторите со краткоспоена помошна намотка, реверзирањето не е можно, а насоката на ротација е секогаш од поширокиот дел на полот кој не е опфатен од помошната намотка, кон процепот во којшто е сместена краткоспоената намотка.
И на крајот, одговорот на прашањето:
Кондензаторот кај еднофазен мотор има улога да обезбеди самостоен старт на моторот, но во некои случаи и да го зголеми моментот на моторот кога е поврзан постојано како работен кондензатор. Можеби по некоја случајност и би го подобрил факторот на моќност на моторот како потрошувач, но може и да го влоши – како и да е, подобрувањето на факторот на моќност е друга проблематика и бара друг пристап. Кај индукциските монофазни мотори кондензаторот воопшто не служи како филтер за намалување на шум – електричниот шум се стреми да се намали кај електромоторите со четкички бидејќи тој негативно влијае на главната функција на електронските уреди (репродукција на аудио/видео/ТВ-сигнали, или пренос на податоци, итн.). Кај индустриските електромотори од поголемо значење е да се намали механичкиот шум.
Во однос на вториот дел од прашањето, во врска со климите, не знам точно каков тип на мотор користат климите, но според објаснувањето погоре, јасно е дека кондензаторот нема директна функција за реверзирање на моторот, туку во случајот кога помошната и главната намотка се еднакво намотани, нивната улога се менува со едноставно преклопување на кондензаторот, а со тоа се менува и насоката на ротација (ваков е случајот, на пример, кај моторите од машините за перење алишта).
Мирослав Китаноски

Во мали елетрични уреди во домаќинството, каков што е соковникот, најчесто се користат мали мотори со четкички (комутатор), кој е голем извор на ЕМИ (електромагнетни интерференции), и тука употребениот кондензатор служи ИСКЛУЧИВО за отстранување, односно намалување на амплитудата на овие пречки. Впрочем, постои соодветна регулатива на ова поле која ЗАБРАНУВА производство и пуштање во промет на уреди кои генерираат ЕМИ над некое дозволено ниво. За да се задоволат овие прописи, паралелно со четкичките на малите мотори често се става блок-кондензатор со вредност од 0,047µF до 0,47µF, придружен со реден отпорник од 10 до 220 ома за да се намали максималната струја низ кондензаторот кој, поради обилноста на присутните пречки, може "озбилно" да се загрева. Кај посложени уреди кои содржат асинхрон мотор, а и воопшто, во мотори кои генерираат поголемо количество пречки, примената на ваков кондензатор би била непримерна, па за иста намена се користи нешто посложен мрежен филтер составен од пар индуктивни калеми и пар кондензатори.
Тука веднаш треба да се напомене, а и за да се задоволи основната цел на читателот, дека овој кондензатор може да се отстрани од колото доколку е во краток спој, и со тоа уредот ќе проработи со полна функционалност. Но во овој случај, генерираните пречки можат видно (и слушно) да влијаат врз работата на "блиските" аудио/видео уреди!
Емилијан Иљоски


Препорачајте ми програма за дизајнирање на ППК (Емитер 3/2014)

Голем поздрав до редакцијата, соработниците и до читателите на нашето омилено списание ЕМИТЕР! Јас сум дипломиран инженер по електротехника, на насоката за електроника и телекомуникации. Започнав да го читам ЕМИТЕР почнувајќи од првиот број во новото издание (2002 година). По повеќе од една деценија користење на написите во ЕМИТЕР, Ви се обраќам со едно конкретно прашање. Мене ми е потребна професионална апликација за дизајнирање плочки со печатени кола (ППК). Имајќи предвид дека во секој број на ЕМИТЕР се објавуваат по неколку проекти, ме интересира која специјализирана програма Вие ја користите за Вашите сопствени потреби во редакцијата?
Пред неколку години во ЕМИТЕР имаше серијал написи за апликацијата Eagle, во рубриката за електроника. Поради недостаток на време, не го побарав конкретниот број на ЕМИТЕР во годишниот регистар. Дали Вие користите апликација за цртање со општа намена, како што е на пример CorelDRAW? Во тој случај, Вам секако Ви се неопходни специјализирани библиотеки со нацрти за електронските елементи и нивните параметри како што се: димензии на водовите, типови на пакувањата, растојанија меѓу контактите на куќиштата и така натаму (слично како во каталозите).
Јас ја посетив интернет-страницата www.cadsoftusa.com и од неа ја презедов апликацијата Eagle 6.3 Light, којашто е Freeware верзија само за образовни и некомерцијални потреби, но од неа јас воопшто не сум задоволен, и тоа од повеќе аспекти коишто јас ќе ги наведам:
На пример, функцијата Auto - router е деактивирана, со што не можат да се исцртаат крајните водови, ниту пак да се вметнат краткоспојници по потреба, без разлика дали се работи за еднострана или двострана изведба, што пак е главната цел за користење на компјутерот. Понатаму, неопходно е да се врши усогласување со сигналната шема којашто паралелно се црта, без разлика дали таа е потребна или не (ако веќе располагаме со претходна верзија).
Користејќи ја апликацијата, јас увидов дека библиотеката со електрични симболи не е целосно компатибилна со библиотеката на електрични елементи - придружувањето не е еднозначно. На крај, возможна е само машинска изработка, а не и печатење на печатар во домашни услови. Имајќи предвид дека Eagle се развива веќе 25 години, воопшто не сум воодушевен од неговите можности, уште повеќе што се смета дека тоа е најдобрата програма од својата област.
За цртањето на елементите во слободен простор, а не во ограничени димензии, немам коментар. Потоа ја посетив интернет-страницата www.altium.com (ребрендиран Protel), но набрзо увидов дека таму воопшто не постои можност за преземање на апликацијата, дури ни за ограничен тест-период (нивниот принцип на работа е: What You Pay Is What You Get).
Поради тоа, јас Ве молам да ми помогнете со Ваш совет и одговор на конкретниот проблем.
Однапред Ви благодарам за издвоеното време и труд за решавање на отвореното прашање.
Филип Георгијев

Кога се работи за EDA (Electronics Design Automation) софтвер, односно софтвер за дизајнирање плочки со печатени кола, денешната ситуацијата е многу јасна, особено по пропаѓањето на Protel со неговата легендарна програма Protel 99 и неговото купување од Altium. Денес, од сите тие стари, но навистина добри програми за автоматизација на проектирањето на електронски уреди остана само Eagle на Cadsoft (http://www.cadsoftusa.com/) кој колку-толку им парира на Altium designer (http://www.altium.com/) и PADS на Mentor Graphics (www.mentor.com). Сите овие програми се навистина “солени” и ќе треба да издвоите 1000 до 5000 американски долари за некоја понапредна варијанта со навистина корисни библиотеки на електронски компоненти.
Сепак, и кога ќе издвоите токлава сума, многу бргу ќе констатирате дека авторутерите на тие програми се далеку од она за што би можеле да дадеме “преодна” оцена и додека за двослојна и повеќеслојна плочка би можеле да бидат од некаква корист, за еднослојна плочка се потполно неупотребливи! Сепак, денешното ниво на AI (Artificial Intelligence) е далеку од тоа да може да конкурира на “интелигенцијата” - односно умештвото на некој просечен професионалец во “занаетот”. Значи, и овие “скапи” алатки нема да можат сами да ја свршат работата, туку тие се тука за Вие да можете да ја завршите работата побргу и со помалку труд. Од тој аспект, јас воопшто не сум разочаран од овие “алатки” и од нивната функционалност: научен да ги работам работите “рачно” - со летрасет и графички филмови, дури и “простите” EDA програми од доцните осумдесетти години од минатиот век, за мене претставуваа големо олеснување, а да не зборуваме за Protel 99, кој според можностите не се разликува многу од денешните најскапи програми!
Непопуларно наравоучение: Како за почеток, обидете се да набавите некоја “разбиена” верзија на Protel 99 со полна функционалност. Апсолвирајте го него до најмал детаљ, дури потоа преминете на Altium designer или евентуално на PADS!
Емилијан Иљоски

Јас користам Eagle 4.16, во последно време, за сите проекти што ги правам. Едноставен е за корис-тење и ги задоволува сите потреби кои ги имам за изработка на еднострани или двострани ППК.
Употребата на функцијата авторутер за еднострани ППК не е препорачлива ниту за Altium кој има многу помоќен автороутер во споредба со Eagle. Автоматско внесување на краткоспојници не е потребно, тоа се прави рачно.
Цврстата врска меѓу шемата и ППК е силно поддржана од моја страна затоа што заштедува многу време, и јас секогаш ја користам. Исто е и со Altium, каде што може да се прекршат правилата, но сепак, строго се придржувам кон цврста врска меѓу шемата и ППК.
Сите официјални библиотеки се одлично синхронизирани меѓу sch и pcb, многу е тешко да се избегне таквата некомпатибилност, веројатно станува збор за погрешно користење на библиотеките или преземање на неисправна библиотека.
Не разбирам што сакате да кажете со терминот машинска изработка, но се сомневам дека во нај-новата верзија е исклучена можноста за печатење на плочката на хартија.
Благој Ќупев

Во првите години од постоењето на ЕМИТЕР за компјутерско дизајнирање на плочките со печатени кола ги користевме програмите TANGO (за кој објавивме серијал написи во 1997) и тогашните верзии на Protel for Windows, за кои пишувавме во броевите 1, 2 и 3 од 1998. Во наредната година преминавме на Protel 98, а потоа и на Protel 99 и им останавме верни до денес. Причините се извонредниот квалитет, богатите библиотеки, како и сопствените библиотеки кои во меѓувреме ги создадовме. Во 2006 година воспоставивме соработка и со компанијата Cadsoft од кои добивме лиценцирана професионална верзија на Eagle 4.16 по што објавивме серијал написи за негова употреба. Станува збор за одличен софтвер кој главно го користиме за дизајнирање на ППК за странски партнери, а многу ретко за проектите во ЕМИТЕР.
Мора да се признае дека и Protel (Altium) и Eagle се прилично сложени програми, кои бараат солидни инженерски знаења и прилично часови работа за да се совладаат барем основните техники и постапки за дизајнирање ППК, а камо ли напредните дизајнерски техники. Токму затоа, а со цел да ја олесниме работата на многумина електроничари (соработници и читатели), одлучивме да креираме библиотеки на симболи за цртање електрични шеми и ППК во програмата CorelDRAW. Работата на тие библиотеки не беше ни малку лесна, но трудот се исплатеше – со нивна помош се нацртани многу шеми и плочки во ЕМИТЕР, а уште повеќе надвор од ЕМИТЕР, меѓу македонските електроничари. Овие библиотеки можете да ги добиете од Редакцијата преку е-маил, а упатствата за нивна употреба се објавени во списанието, во броевите 4/99, 11/03 и 12/11. Предноста на Corel-DRAW е во едноставноста и можноста цртежот да се експортира во најразлични формати, а главен недостаток е немањето можност за поврзување помеѓу шемата и плочката. Затоа CorelDRAW е погоден само за цртање едноставни ППК и за прецртување на постоечки дизајни на ППК.
Во последниве 2-3 години во Редакцијата сè повеќе ја користиме програмата PCBWizard 3.5, којашто се покажа како CAD програма што ги содржи сите главни опции и можности од “поголемите браќа” (Protel/Altium и Eagle), но која истовремено се одликува со едноставност и интуитивност. Овие особини ја прават одличен избор за речиси сите електроничари – од ученици и хобисти, до “тазе” инженери и искусни проектанти. Со оваа програма може да се дизајнираат еднослојни и двослојни ППК, од наједноставни хобистички решенија до прилично сложени професионални проекти. Побарајте ја на интернет и почнете да ја користите, а ние ветуваме дека наскоро ќе подготвиме и ќе објавиме во ЕМИТЕР неколку написи во форма на курс за нејзина употреба.
Слободан Таневски


Изработка на Zapper (Емитер 3/2014)

Здраво,
Ме интересира дали можете да ми направите Zapper според шемите што ви ги испраќам? Ве мо-лам, дајте ми цена за изработка за секој модел посебно, а во случај вие да имате свој проект за ваков уред, дајте ми понуда и за него.
Поздрав,
Игор Ковачевски

Списанието ЕМИТЕР не изработува електронски уреди, туку на своите страници, меѓу другото, опишува разни проекти за самоградба на уреди од на електрониката и други области.
“Zapper” е едноставен генератор на правоаголни импулси, и неговата цена во самоградба нема да надмине 200 денари. Проекти за генератори на правоаголни импулси досега имаме објавено некол-купати, во различни варијанти кои по ништо не се разликуваат од разните изведби на Zapper коишто кружат на интернет. Ако сакате сами да го направите, можеме да Ви го препорачаме проектот објавен во ноемвриското издание на ЕМИТЕР од 2003 година (бр. 11/2003):
http://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2148
Тој број на ЕМИТЕР можете да го нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР, по цена од 130 денари (плус поштарина).
Должни сме да Ви објасниме дека Zapper нема никакви лековити својства! Сè она што сте про-читале на интернет за неговите наводни лековити својства (чистење од паразити, лекување рак...) се обични лаги и заблуди. Доволно е да Ви укажеме на фактот дека Hulda Clark, која го измисли Zapper и која објави книга “Како да се излечите од рак” (со помош на Zapper), самата почина од рак!
Ако имате некои здравствени проблеми, Ви препорачуваме веднаш да се јавите кај Вашиот ма-тичен лекар и да не губите време на некакви некорисни играчки како што е Zapper. Најпосле, и самиот можете да се уверите дека Zapper не лечи ништо, ако го изработите тој уред според проектот од ЕМИТЕР (или од друг извор), и го употребите.
Со оглед на тоа што досега неколку наши читатели се обратија до редакцијата на ЕМИТЕР со пра-шања околу Zapper, планираме во следниот број на ЕМИТЕР да објавиме опширен текст на таа тема, во рубриката “Заблуди, измами и вистини”. Ви препорачуваме да го прочитате!
Поздрав и многу здравје,
Владимир Филевски


Фокусирајте се повеќе на електрониката (Емитер 2/2014)

Здраво
Јас сум редовен читател на списанието Емитер и сакам да ве замолам да се фокусирате повеќе на електрониката. Јас го следам списанието од самиот почеток и мислам дека во последните неколку години тоа се оддалечува од темите и проектите за електроника. Затоа ве молам да обрнете повеќе внимание на оваа тема.
Поздрав од Бобан Симјаноски

Од самиот почеток, од 1995 година, списанието ЕМИТЕР е фокусирано на електрониката и сродните дисциплини, на радост на сите електроничари во Македонија. Во тоа лесно ќе се уверите ако отворите кој било број на ЕМИТЕР, од која било година и ги изброите страниците посветени на електрониката и сродните дисциплини. Верувале или не, бројот на страниците посветен на електрониката и сродните дисциплини во "новиот" ЕМИТЕР (по 2002 г.) е ист или поголем од она што го имаше во "стариот" ЕМИТЕР (до 2001 година).
Се надеваме дека покрај страниците фокусирани на електрониката, наоѓате задоволство и интерес и во другите научно-популарни теми презентирани во ЕМИТЕР.
А доколку Вашата забелешка не се однесува на бројот на страниците за електроника и сродните дисциплини, туку на изборот на темите, тогаш бидете поконкретни – предложете теми за кои сакате да има написи во Емитер.
Владимир Филевски


Кој е вистинскиот микроконтролер за генераторот на импулси? (Емитер 2/2014)

Како што ја презедов инсталационата програма за проектот "Генератор на импулси" од Емитер 9/2013, забележав дека во текстот цело време се споменува PIC18F1220. Меѓутоа, во шемата и во одделот "Потребен материјал" е означена употреба на PIC18F1320, па јас го имам набавено токму тој модел. Сега не знам кој е вистинскиот за дадениот проект, PIC18F1320 или PIC18F1220, односно дали печатната грешка е во шемата или во текстуалниот дел?
Се обидов да најдам споредба на двата модела, и единствената разлика што ја забележав во DEVICE DIFFERENCES е во тоа што PIC18F1320 има двапати поголема меморија од PIC18F1220, а другите карактеристики се потполно идентични.
Молам за одговор и однапред благодарам,
Анѓелко Здравковиќ

Како што сте забележале, разликата меѓу PIC18F1220 и PIC18F1320 е само во меморијата – PIC18F1320 има двапати поголема меморија од PIC18F1220. Дури и datasheet-от е ист за овие два контролера.
Целиот проект е правен со PIC18F1220, но во последен момент пред печатење дознавме дека во продавниците го има само "појакиот" модел PIC18F1320, па затоа во шемата и во списокот за потребен материјал го наведовме тој модел, но поради технички пропуст таа промена не е направена и во текстот. Бидејќи програмата е правена на "послабиот" PIC18F1220 значи дека таа ќе работи и на двата микроконтролера.
Кирил Крстевски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (http://www.emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.