Почитувани,
Треба да го пуштам домашниот систем за парно греење, па ми треба помош околу полнењето на инсталацијата со вода. Значи, како целосно оди постапката за прво полнење вода.
Инсталацијата има вода, но се сомневам дека ќе треба да дополнувам.
Еве што има од инструменти. Имам манометар поставен на висина на доводната (долната цевка) на котелот, кој е во подрум. Има термометар поставен во одводната (горната цевка) на котелот. Подрумот е висок 2,6 метри, приземјето е 2,6m и има кат. Тоа значи дека горниот вентил на горните радијатори е некаде на 6m висина. На ладно манометарот покажува 0,6 бари (не е многу прецизен) и мислам дека оваа бројка е ОК. На првото пуштање на манометарот добив околу 2,1 бари, а на термометарот околу 50 степени. Денес кога го пуштив, не можеше да крене притисок на 1,5 бари при многу силен оган. Да напоменам дека на првото пуштање испуштав воздух од сите радијатори. Денес привремено ја изгасив пумпата и така испуштав воздух само на горните радијатори, но не добив добар млаз.
Прашањето ми е како да знам дека количеството вода во системот е добро, односно ме интересира целата постапка за прво пуштање сопствен систем за парно греење.
Со почит,
Крсте Кирилов

Дијагностика на проблемот не е во количеството вода во системот, туку проблемот е тоа што имате воздух во инсталацијата на парното, па затоа, кога парното ќе дигне температура, воздухот се движи како стрела и создава шум кој е предизвикан од многу брзото струење на воздухот. Да не ве чуди тоа што системот сега не кренал толку температура и притисок, затоа што сега времето е ладно и се троши температурата во радијаторите. Инаку, температурата и притисокот во парното се врзани правопропорционално p•V = R•T, каде што p - притисок V - волумен R - константа T - температура. Равенкава значи: Кога ќе почне греењето, како расте темпаратурата, ќе расте и притисокот, но ограничувањето на притисокот е на три бари бидејќи тогаш пропушта сигурносниот вентил. Ова ќе се случи некаде на 85 до 90 степени, кога водата ќе почне да испарува и притисокот нагло ќе порасне на 3 бари, што е и нормално. Да не се чудите што кажувам дека водата испарува на 85-90 степени, тоа е затоа што горните слоеви од котелот имаат различна температура од тие во дното на котелот, па така, ако термометарот покажува 85-90 степени, тогаш горните слоеви се веќе на 100 степени (топлата вода секогаш се качува во горните слоеви – полесна е) и затоа водата всушност почнува да испарува кога термометарот ќе покаже 85 степени.
Решение на проблемот: Првата финта која мајсторите не ви ја кажале при местење на парното е тоа што радијаторите треба да бидат наместени со пад (неливелирани), и тоа задната страна од кај вентилчето за испуштање на воздухот треба да биде повисока. Само ако се така наместени, радијаторите комплетно ќе можете да го испуштите воздухот од радијаторите, во обратен случај постојано ќе се заробува воздух во нив и ќе се добива она струење со шум. Второ, проверете да не имате слепи водови во кои ќе се збива воздух и доколку имате такви, тие мора да завршат со испуст (мини-вентил) за да се испушти воздухот.
Моја препорака е кога го полните системот со вода, да го оставите да се полни сè до три бари т.е. додека не се отвори сигурносниот вентил (внимавајте сигурносниот вентил да биде приклучен на канализација за да не предизвика штета ако пропушти вода слободно), па така делумно ќе се испразни воздухот, а потоа преминете на испуштање воздух од радијаторите и спуштете го притисокот до 1,5 бари. Сигурносниот вентил со сигурност ќе се отвори и ќе пропушти вода бидејќи тој отвора на 3 бара, а притисокот од водоводот е 4 бари. Веројатно имате ставено експанзиска боца, и таа треба да биде некаде 10 – 12 литри, што задоволува за два ката. Висината на катовите која сте ја навеле и количината вода која е во системот, т.е. дали манометарот ќе покаже 0,6 или 1 бар воопшто не е важно – системот треба да функционира добро и во двата случаја. Одредено решение за да не се слуша шумолење на водата е да го зголемите притисокот на 1,5 до 1,8 бари, т.е. да имате поголем притисок кој го збива воздухот во џебовите, па така тој да не може да почне со струење толку лесно (притиснат е во ќоше). Ова зголемување на притисокот можеби ќе го реши проблемот со струење на воздухот во инсталацијата, но постојано ке брчат радијаторите ако не се правилно наместени т.е. ако имаат воздух кај вентилот, цело време ќе се слуша звук (шуштење како кога тече вода од чешма). И за крај, немојте да ги загревате котелот или шпоретот нагло и веднаш вклучете ја пумпата за да се загрева целокупната вода во системот зашто ако нагло почнат да вријат горните слоеви топла вода, може пак да се јави струење на водата.
Сумарно, мој совет: Прво кренете го притисокот на 1,5 бари или повеќе (нема никаква опасност ако системот има сигурносен вентил кој е поврзан на канализација) и полека загревајте го котелот, па ќе видите дали ќе се појави шумолење. Ако сè е во ред, тогаш работете го системот на тој притисок. Ако, пак, повторно се јавува шумолење, тогаш ставете либела на радијаторите и на нивните држачи дајте им пад како што опишав погоре, а потоа испуштајте воздух.
Мики Крстевски


Здраво Емитер,
Сакам да направам напојување со регулација на напон, па набавив неколку интегрирани кола LM338, но никако не успева да ми проработи уредот, иако го врзувам исто како уредот што го имам направено од поодамна, кој верно си ја врши работата и ден-денеска. Откако забележав дека има некоја разлика во знаците на интегрираното коло од мојот прв уред и на интегрираните кола со кои се мачам да го составам новото напојување, почнав да се сомневам дека можеби интегрираните кола имаат различен распоред на пиновите. Сите знаци на стариот интегралец се JM93RL LM338T P+, додека на новиот се JM95RG LM338T.
Дали ќе можете да ми помогнете да го решам овој проблем?
Поздрав,
Столе Јовановски

Најверојатно се работи за фалсификувани примероци на LM338T. Фалсификуваните електронски компоненти во последните десетина години претставуваат проблем број 1 на глобално ниво! Додека фалсикуваните компоненти од деведесеттите години на минатиот век беа без исклучок "препечатени", но сосема функционални компоненти од источниот блок, фалсификатите од 21-от век се компоненти со сомнително потекло, а некои од нив воопшто ја немаат ни функцијата за која се наменети. Потеклото на овие компоненти е претежно од Кина, а во последно време има примери на масовно фалсификување и од Индија.
Како да препознаеме фалсификувана компонента? Тоа не е ни малку лесна работа, и основно е да знаеме каков е физичкиот изглед на оригиналната компонента, а и да знаеме која компонента од кого е произведена, како и сериите што производителот ги пуштил во оптек. Повеќе од тоа, постојат серии од реномирани производители кои не се пуштени во продажба, главно поради лош квалитет и несовпаѓање со декларираните карактеристики. Тие обично завршуваат на отпад, а некои од нив бесправно доспеваат и на редовниот пазар преку таканаречената "електронска мафија", за која се цени дека влече корени од Југоисточна Азија.
Информација за начинот на бележење на сериите имаме во техничките податоци (datasheet) на производот, додека информација затоа кои серии се исфрлени од оптек обично се добива преку соопштенија на производителот. Се разбира, сите овие информации одредени фирми систематски ги бележат и издаваат соодветни билтени за состојбата со фалсификувани компоненти и други релевантни податоци кои се од помош при разоткривањето на фалсификатите. Работата е толку сериозна, што во "големите" универзитети во кои се изучува електрониката, во последните неколку години масовно се отвораат катедри специјализирани за оваа намена, а ги имаме и првите специјалисти: "Electronics counterfeit engineers", односно инженери по електроника, специјалисти за фалсификувани компоненти.
Се разбира, оваа специјалност е многу конјуктивна, и на светско ниво има голем недостаток на вакви експерти. За среќа, пред вас имате еден таков со длабоко познавање на проблематиката и 30-годишно искуство, како и со енциклопедиско познавање на повеќе генерации електронски компоненти. Па, да преминеме на работа:
Лиценцата за производство на LM338 е сопственост на бившиот National Semiconductors (сега Texas instruments). Таа е отстапена на ST Microelectronics, но тој го произведува само во пакување TO-3 со ознака LM338K. Таа е исто така отстапена на Linear Technologies, но оваа фирма го произведува во пакување TO-3 со ознака LM338AK(K) и во TO-3P со ознака LM338P, значи и тие немаат производ со суфикс T, односно спакуван во куќиште TO220. Слична е и состојбата со англиската фирма Semelab на TT electronics. Постојат уште неколку фирми кои ја произведуваат оваа компонента или тоа го правеле во минатото, но тие не ја бележат со префиксот LM туку со uA (Signetics, Raytheon), T(Toshiba) или IP (Semelab). Значи, LM338T може само да биде производ на бившиот National semiconductors и треба да го има на себе познатиот знак на оваа фирма и, ако се работи за производ произведен по 1997, сите ознаки треба да се изгравирани, постарите верзии користат светлосива – сребреникава боја за ознаките. Лиената пластика е со нешто посветла мат-црна боја.
Од друга страна, анализирајќи го серискиот број JM95RG, тој навистина е на National Semiconductors, но во оваа серија произведено е интегралното коло LM2576S, а не LM338T! Ова конечно потврдува дека производот е фалсификат!
На крај, ако компонентата е фалсификат, тоа не значи дека компонентата не е исправна и дека не ја извршува предвидената функција! LM338T лесно се мери: ако е исправен и правилно поларизиран, напонот од излезот до ногарката "adj" треба да е фиксен: 1,2V; останатиот, трет приклучок е влез! Инаку, LM338T има еден-единствен распоред на изводите: гледајќи од страна на натписите, имаме од лево кон десно: adj, Uout, Uin.
Емилијан Иљоски


Почитувани,
Дали ќе можете да објавите некоја статија за тоа како да изработиме полнач за акумулатор од обично напојување од компјутер или да ми кажете кои делови треба да ги променам за повратната врска од акумулаторот?
Благодам однапред,
Сашо Дамчески

Не само што не може од импулсно напојување од компјутер да се добие доволно струја за полнење акумулатори без да се смени или да се "преработи" импулсниот трансформатор – што е тешко изводливо во аматерски услови, туку и самата употреба на импулсни напојувања за полнење акумулатори без соодветни кола за заштита е многу опасна!
Кога се работи за оловни акумулатори за автомобили, тие навистина можат да се претворат во вистинска бомба во содејство со импулсно напојување доколку не работи прецизно регулацијата и ако не се мониторира температурата на киселината! А да не зборуваме што би се случило при дефект на напојувањето кога, поради концептот на импулсното напојување од компјутер, возможно е да добиеме дури и 5 пати поголем напон на излезот (односно 60V) – со толкав напон, сигурно следува уништување на акумулаторот!
Затоа, за полнење оловен акумулатор, најдобро е да направите класичен полнач – разгледајте некои од многуте проекти на оваа тема објавени во Емитер, на пример, тие во броевите 9 и 10/2006, 4/2004, 9-12/2000 и 3/2009:
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1002
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=930
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1934
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=2895
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=259.
Емилијан Иљоски


Здраво Емитер,
Благодарам за едноставните, но одлични проекти во изминатите 2 броја на Емитер: "Контролор на ниво на течности" и "Универзален терморегулатор". Засега, сакам да го изработам првиот проект бидејќи имам намера да поставам резервоар за вода во мојата викендичка и со тоа да ги намалам редовните проблеми, кои постојано ги имам во снабдувањето со вода. При проверката кои електронски компоненти ги имам, а кои треба да ги набавам, забележав дека во двата проекта се користи ист релеј, но изводите на релејот во првиот проект се обратно поставени од оние во вториот. Кој распоред на контактите е правилен?
Петар Георгиевски од Скопје,

Благодарам за пофалбите и се надевам дека и во иднина во Емитер ќе има уште многу проекти кои ќе ја поттикнат Вашата желба за градба на проекти во електрониката. Благодарам и за забелешката, за која имав намера да пишувам во претходните изданија на Емитер, но ете не се нашло простор и време за тоа!
Во основа, и двата распореда на контактите на релеите се исправни! Имено, тука морам да напоменам дека кај релеите од типот TRM30 наидуваме на 3 типа изводи: првиот е претставен во проектот "Едноставен контролор на ниво на течности во резервоари" (стр. 60 од Емитер 10/12), вториот во проектот "Универзален терморегулатор" (стр. 50 од Емитер 11/12), а третиот е со среден извод на страна! Кога општо ќе се земе, тоа и не е некој проблем бидејќи изводите се тука, разликата е во нивното точно бележење за конкретен модел од групата релеи од типот TRM30.
Затоа, на сите оние што имаат намера да ги реализираат овие проекти (а и други кои содржат релеј од овој тип), им препорачувам да измерат со ом-метар каква варијанта на изводи има нивниот релеј пред да го приклучат на фазата од градската мрежа и кон потрошувачот (товар – Load).
Емилијан Иљоски