Рубрика: Информатика
Мобилна револуција или тупаница по носот?
Автор: Зоран Ивановски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 6/2013.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со својата четврта генерација на Core процесорите – "Haswell", Intel конечно реши да одговори на предизвикот кој го наметнува актуелната состојба на полето на персоналните сметачи – мобилноста. А тоа подразбира идеален однос перформанси по единица потрошена снага и автономија која се мери во десетици саати. Кому уште му се битни гигахерците?

Најнапред да погледнеме 10-15 години наназад. Бумот кој го направија персоналните сметачи иницираа трка која ќе ја одбележи деценијата што следуваше, па и нешто повеќе од тоа. Поточно, со појавата на третата генерација Intel Pentium/Celeron процесори и нивните пандани, AMD Athlon/Durons започна невидена, беспоштедна трка во достигнување на што повисок работен такт. Гигахерцната бариера беше пробиена релативно брзо. И магичната граница од 3 GHz беше достигната неколку години подоцна. Набргу потоа се покажа дека 4 GHz е бариера која актуелните процесорски архитектури едноставно не можат ни да ја достигнат, а не пак да ја пробијат (оверклокувањето тука не го земаме предвид).

Паралелизмот во процесирањето, тактот на собирницата, множителот, актуелните инструкции, производните процеси – сето тоа го достигна својот зенит. Неприфатливо високата потрошувачка на NetBurst архитектурата (Pentium 4/D) процесорите и недоволното ниво на ефикасност, и покрај тактовите од максимални 3,8 GHz, како и големиот заостаток врз главниот ривал AMD (кој го збираше "кајмакот" на пазарот), беше причина за драстичен рез. Intel направи невиден пресврт со враќањето кон своите корени, веќе подзаборавената архитектура, P6 на која беа базирани процесорите Pentium M. Малата потрошувачка и нискиот работен такт, со ефикасност и процесирачка моќ на 600 до 1000 MHz побрзите Pentium 4 процесори веднаш станаа хит на полето на лаптоп сметачи во тоа време, обесмислувајќи ги дотогашните Pentium 4-M и Mobile Pentium 4. Со моделите, Pentium M Intel на некој начин го одредија правецот во кој ќе се движи развојот на наредните неколку генерации на лаптоп сметачи.

Зошто тогаш истото да не биде и во полето на десктоп сметачите? И бидна, со Core процесорите. И трае до ден-денешен, оставајќи го AMD далеку зад себе, "да голта прав", што би се рекло. Гледајќи дека таквата десктоп трка не може да ја издржи, AMD се сврте кон мобилноста и хибридната архитектура. Интеграцијата на меморискиот контролер во самиот процесор повлече и подоцнежна интеграција и на графичко јадро, нешто што и Intel ќе го направи, но многу подоцна. Во тој поглед, AMD и денеска предничи над Intel. Купувањето на компанијата ATi, чии Radeon графички картички се трн во окото на Nvidia, овозможи интеграција на мобилните Radeon-и во самото процесорско јадро. Засега, Intel нема доволно добар хибриден процесор кој на тоа поле ќе му парира на AMD. А AMD отворено претендира да земе удел и на пазарот на мобилни уреди, каде што на полето на мобилни процесори ARM архитектурата засега го води главниот збор. Со Haswell, Intel покажа дека конечно ја согледал состојбата на теренот, и дека сака да се замеша и на тоа поле.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/2013. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.