Рубрика: Екологија
Поглед во нуклеарниот реактор на Фукушима 13 години по катастрофата
Објавено на 03.04.2024 - 12:15

Неодамна тим минијатурни дронови беше испратен во внатрешноста на радиоактивните урнатини од еден од нуклеарните реактори на Фукушима. Снимките треба да им помогнат на јапонските власти во планирање за натамошното чистење на локацијата. Ако претходно добиените слики не укажаа на тоа уште колку работа ги чека јапонците, новата снимка направена од малите роботи со сигурност ја “разјасни” ситуацијата.

Tokyo Electric Power Company Holdings (TEPCO), јапонската комунална организација која го надгледува проектот за рекултивација на централата во Фукушима Даичи, објави триминутно видео снимено од еден од дроновте придружуван со змијоликиот бот којшто ја осветлуваше патеката на движење. Снимката е направена во текот на дводневната истрага на ТЕПКО, направена кон крајот на минатиот месец. На неа се гледа главната структурна поддршка во примарниот сад за задржување на реакторот број 1 во нуклеарната постројка Фукушима Даичи.

За потсетување, нуклеарната централа Фукушима претрпе катастрофален колапс на 11 март 2011 година, откако земјотрес со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала со епицентар крај јапонскиот брег предизвика цунами високо 130 метри, кое потоа го зафати целиот регион. Од трите реактори оштетени за време на катастрофата, реакторот број 1 се смета за најтешко погоден. Се смета дека вкупно 880 тони растопен отпад од радиоактивно гориво остануваат во тие реактори. Притоа се смета дека најголемата колицина од овој радиоактивен смет е во реакторот број 1. Се проценува дека по земјотресот од околните области биле евакуирани околу 160 000 луѓе. Јапонските власти ќе дозволат враќање на ограничен дел од нив следната година. Се верува дека од самото цунами погинаа околу 20 000 луѓе.

Минатонеделните слики и видео направени од дроновите ги прикажуваат остатоците од механизмот за погон на контролната прачка на реакторот бр. 1. Според NHK World, „агломерирани објекти односно објектите што потсетуваат на иње“  видливи во одредени области веројатно претставуваат радиоактивен отпад којшто е „мешавина од стопеното нуклеарно гориво и околните уреди“.

Експертите велат дека во моментов поради логистички тешкотии, дури и со употреба на автономни дронови може да се пристапи само до дел од оштетената постројка. Роботите не можеле да го достигнат дното на јадрото поради слабата видливост. Исто така при оваа мисија не можеле да се утврдат ниту нивоата на радијација, бидејќи дроновите не биле опремени со инструменти од типот на дозиметри. Ова било направено заради задржување на маневрибилноста што ја овозможува малата тежина.

Во TEPCO планираат да ги анализираат податоците од дроновите со цел подобро планирање на натамошната акција за собирање и отстранување на радиоактивниот отпад во Фукушима. Во август 2023 година, официјалните лица започнаа повеќефазен проект за ослободување на прочистената радиоактивна отпадна вода од централата во Тихиот Океан. Иако повеќе агенции и меѓународни организации сметаат дека целиот потфат е безбеден, сепак добар дел од соседните земји, меѓу кои и Кина, имаа сични замерки за неговото спроведување.

Јапонската влада и TEPCO претходно проценија дека чистењето ќе трае 30-40 години, иако критичарите веруваат дека временската рамка е исклучително оптимистичка.

Клучни зборови: