Рубрика: Информатика
Од вакуумски цевки до дигитална свест – интерактивен настан
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 30.05.2022 - 12:00

Од 1 до 10 јуни Охрид ќе биде домаќин на еден мошне интересен и атрактивен настан од областа на информациските технологии. Се работи за серија интерактивни предавања и мултимедијална изложба надградена со проширена реалност обединети во насловот “Духот од електронската ламба”.

Во рамките на настанот го следиме развојот на компјутерските процесори и раѓањето на вештачката интелигенција – од вакуумски цевки до дигитална свест.

Настанот се одржува на 3 локации – од 1 до 3 јуни домаќин е НУ Библиотека Григор Прличев, од 6 до 7 јуни домаќин е Центарот за култура Григор Прличев, а од 8 до 10 јуни Универзитетот Св. Апостол Павле.

Предавањата започнуваат секој ден во 12 часот, во рамките на изложбата, а за интерактивната AR апликација доволен е мобилен уред со интернет врска, прелистувач и камера. Присутните ќе имаат можност да дознаат повеќе за развојот на компјутерските процесори, од електронски ламби до денешните сложени чипови, за тестот на тјуринг и иднината на информациските технологии.

Приказната за компјутерскиот процесор е кратка но експоненцијална. Кон средината на минатиот век претседателот на Интел, Гордон Мур, предвиде дека моќта на компјутерите и сложеноста на интегрираните кола, а со тоа и алгоритмите, ќе се удвојува на секои две години. Овој феномен беше потврден во практиката и денес е познат како Муров закон.

Уникатната колекција на проф. д-р Анис Сефиданис нуди оригинални примероци од најраните претставници на електронските ламби на IBM до последната генерација на современите процесори на повеќе хетерогени јадра, кои оперираат со висока фреквенција и паралелност.

Со помош на мобилната апликација која го овозможува искуството на проширена реалност, посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за историјата, архитектурата и примената на секој изложен артефакт.

Тестот на Тјуринг има цел да ја докаже способноста на машините да демонстрираат интелигенција еднаква на нашата. Експериментот се состои од интеракција помеѓу човек-човек и човек-компјутер. Доколку човекот не е во можност да разликува дали разговара со човек или пак машина, вештачката интелигенција го положила тестот на Тјуринг

Се наоѓаме во предвечерието на четвртата индустриска револуција, каде што вештачката интелигенција се очекува да го трансформира секој сегмент од нашиот живот, на еднаков или сличен начин како што тоа го направи електричната енергија.

Присутните ќе имаат можност да ги истражат можностите како и предизвиците на вештачката интелигенција. Заинтересираните можат исто така да го посетат Институтот за експоненцијални технологии “Сефиданис”, каде се наоѓа првиот суперкомпјутер на американската компанија NVIDIA.

 

Организатор на настанот е Институтот за експоненцијални технологии Сефиданис под водство на д-р Анис Сефиданис, професор на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Во продолжение кратко интервју со проф. д-р Анис Сефиданис по повод овој настан.

 

ЕМИТЕР: Како дојдовте до идеја за организација на еден ваков настан?

Д-р Анис Сефиданис: Во нашата држава недостасува музеј со приказ на историјата и развојот на компјутерите, бидејќи скоро е невозможно да се креира сеопфатен приказ на целиот експоненцијален период со сите негови претставници дури во светски рамки. Избрав да направам подвижна изложба на најсуштинскиот дел кај сметачите, а тоа е (микро)процесорот, бидејќи подемот на информациските науки и технологии се должи првенствено на овој единствен елемент. Со помош на виртуелната/проширена реалност, посетителите ќе имаат можност да се запознаат и со останатиот дел од околината во рамки на која оперирале процесорите низ историјата, во различни стадиуми од нивната еволуција.

 

ЕМИТЕР: Колку време траеја подготовките за настанот?
Д-р Анис Сефиданис: Уште од моето детство бев фасциниран од можноста на машините да обработуваат податоци и станав колекционер на микропроцесори кои претставуваат мозокот, односно срцето на компјутерот. Подоцна, мојата работа како универзитетски професор ми овозможи да направам спој помеѓу парадигмите на машинското учење и новите напредни архитектури за сметање.

ЕМИТЕР: Дали се планирани повеќе предавања и на кои теми (ако се повеќе)?
Д-р Анис Сефиданис: Вештачката интелигенција претставува светиот грал на информатиката, па сакав да ја раскажам приказната за потрагата по истиот. Ја избрав приказната за духот од ламбата, како аналогија за дигиталната свест која се зачнува во вакуумот на електронските цевки на IBM. Еднаш штом духот од електронската ламбата се ослободи во форма на суперинтелигенција, нема враќање назад, и мора да бидеме подготвени да се соочиме со предизвиците на четвртата индустриска револуција.
Предавањата ќе се фокусираат на експоненцијалниот развој на процесорската моќ, но бидејќи планирано е да бидат целосно интерактивни, публиката е таа која ќе ги ко-креира содржините со моја помош и при интеракција со различни уреди кои користат вештачка интелигенција (како Alexa и Siri) и проширена реалност (Augmentet Reality) за мобилни уреди.

ЕМИТЕР: Кои се очекувањата? Дали е ова прв настан во организација на Институтот Сефиданис?
Д-р Анис Сефиданис: Институтот за екпосненцијални технологии имал претходно и други нстани кои вклучувале предавања, обуки и работилници на тема вештачка интелигенција, но овој е прв каде посетителите ќе бидат дирекно вклучени во раскажувањето на една од најубавите приказни на човештвото, а тоа е посегнувањето по апсолутот со помош на современите технологии.

 

Д-р Анис Сефиданис претходно раководел со функцијата декан на Факултетот за информатика на Европски Универзитет во Скопје, а предавал и како визитинг професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Автор е на повеќе книги од областа на информатиката, меѓу кои и “Препознавање на облици со помош на машинско учење” и е основач на Институтот за експоненцијални технологии.

Клучни зборови: