Рубрика: Астрономија и астронаутика
Уште докази дека животот можеби дошoл од вселената
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.04.2022 - 10:15

Како животот за прв пат се појавил на некогаш неплодната карпа што ја нарекуваме Земја? Тоа е Eдно од најзагадочните и исконски прашања на науката. Изминативе неколку децении научниците почнаа да ги идентификуваат на метеоритите органските молекули неопходни за настанок на животот. За потсетување, метеоритите претставуваат мали парчиња од комети или астероиди кои успеале да го преживеат опасниот пад на Земјата. Сега, едно ново истражување спроведено од научниците од Универзитетот на Хокаидо, Јапонија, обезбеди дополнителни докази дека основните состојки за настанок на животот можеби допатувале на Земјата од вселената.

Нуклеобазите се неопходни за градбата на ДНК, нишките од генетски материјал што ги носат основните “планови” за градба на кое и да е живо суштество, но и за градбата на РНК, своевидна молекула-гласник што кај повеќето живи суштества ги носи ДНК инструкциите за да ја контролира синтезата на протеините. Нуклеобазите како гванин и аденин, кои се основни компоненти на ДНК, биле откриени во метеорити и во минатото. Но,  сè до сега во примероците од метеорити не биле откриени траги од една друга нуклеобаза – пиримидин.

Во новото истражување чиишто резултати беа објавени во Nature Communications, истражувачите користеле најсовремени аналитички техники што им овозможиле да идентификуваат траги од нуклеобази во мал обем. Истражувачите анализирале три метеорити што изобилувале со јаглерод – метеоритот Марчисон, што паднал во Марчисон, Викторија, Австралија, во 1969 година, метеоритот Мареј, што паднал во Кентаки, САД, во 1950 година и метеоритот од езерото Тагиш, што паднал во Канада во јануари 2000 година. Освен нуклеобазите што веќе биле откриени во други метеорити, истражувачите идентификувале и претходно неоткриени пиримидини, меѓу кои цитозин и тимин, што се усте две бази содржани во ДНК молекулата.

Се работи за извонредно откритие што открива дека основните ДНК/РНК нуклеобази можеби дошле на Земјата пред почетокот на животот и дека постои веројатност дека одиграле улога во појавата на генетската функција во животната средина.

Но, како овие органски соединенија, толку клучни за формирањето на животот, се појавиле во составот на овие парчиња карпи што пловат низ вселенскиот простор? Научниците веруваат дека соединенијата можеби се генерирале со фотохемиски реакции на карпите во меѓуѕвездениот простор, пред да бидат инкорпорирани во астероидите во текот на формирањето на Сончевиот систем. Нивната “метеоритска достава” до Земјата, за време на нејзиното рано формирање, можеби била искрата што ја стартувала еволуцијата на раниот живот.

Клучни зборови: