Рубрика: Енергетика
Наскоро - рециклирање на јаглеродниот диоксид во гориво
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.06.2018 - 12:45

Извлекувањето на јаглеродниот диоксид (CO2) од воздухот и негово користење за создавање на синтетичко гориво се чини како вистинско решение за климатските промени. Наместо да додаваме сè повеќе CO2 во воздухот со согорување на фосилните горива, едноставно може да ги рециклираме истите молекули на CO2 одново и одново. Но, ваквата технологија е скапа – според една неодамнешна проценка  обравотувањето на еден тон на CO2 би чинело околу 600 американски долари. Сепак, едно ново истражување вели дека идните хемиски постројки би можеле повеќе од значителни да ги намалат овие трошоци. Ова би значело почеток на бум во производството на синтетичките горива, барем во побогатите региони од светов, каде водат сметка за употребата на горива со ниски емисии на јаглероден диоксид.

Истражувањето, објавено во научното списание за енергетика Џул (Joule), е спроведено од страна на група инженери вработени во компанијата Карбон Инженеринг (Carbon Engineering) од Калгари, Канада. Основа на истражувањето е пилот-програмата со погон за екстракција на CO2од атмосферата којашто е во функција во канадскиот регион Британска Колумбија од 2015 година. Постројката ги обезбеди почетните податоци за анализите за економска исплатливост. Па така, со неколку економски претпоставки и одредени измени во дизајнот на постројката, инженерите пресметале дека трошоците на екстракција би можеле да се движат од 94 до 242 американски долари за еден тон CO2.

Постројката на Карбон Инженеринг го впумпува воздухот во кули исполнети со раствор од калиум хидроксид. Растворот реагира со јаглеродниот диоксид од воздухот  и создава калиум карбонат. По процесот се добиваат пелети од калциум карбонат коишто со греење ослободуваат јаглероден диоксид. Овој јаглероден диоксид би можел под притисок да се инјектира во длабочините на земјата, но компанијата планира да го искористи гасот за производство на синтетички еколошки горива. Процесот се состои во соединување на водород со јаглеродниот диоксид со употреба на конвенционaлни хемиски процеси при што се добиваат течни хидрокарбонати. Горивото произведено на овој начин чини 1 американски долар за литар гориво, што е многу блиску до цената на рафинираните нафтени производи.

Во Карбон Инженеринг се надеваат дека до 2021 година ќе изградат мала рафинеријакојашто ќе може да произведува по 200 барели еколошко гориво на ден, а потоа да направат и комерцијална "рафинерија" за рециклирање на јаглеродниот диоксид со капацитет од 2000 барели дневно.

Клучни зборови: