Рубрика: Екологија
Мистериозен пораст на супстанција што го уништува озонот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.05.2018 - 12:00

Монтреалскиот протокол од 1987 година најчесто се смета за успешна приказна во областа на заштитата на животната средина. Протоколот е конструиран со цел да го заштити стратосферскиот озонски слој, преку намалување на изобилството супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка. Со неговата примена се спречи ширењето на озонската дупка над Антарктикот, а намалувањето на атмосферската концентрација на CFC-11 беше втор по значење придонес за падот на вкупната концентрација на хлор во атмосферата.

Но, според последните истражувања, објавени на 19 мај, во списанието Nature, се чини дека некој не го почитува меѓународниот договор со којшто се забранува производството на супстанции како што се хлорофлуорокарбонатите, познати под ознаката CFC. Во трудот се открива дека според мерењата коишто редовно се прават уште од 80-тите години на минатиот век, детектирано е зголемување на емисиите на CFC-11 за 25%, почнувајќи од 2012 година. Вообичаена употреба на CFC-11 во минатото беше при изработката на изолациски пени, но со забраната од Монтреалскиот договор, неговото производство беше речиси искоренето. Зголемувањето на емисијата на CFC-11 се чини дека не е поврзано со минатото производство и сосема извесно укажува на непријавено ново производство, коешто не е во согласност со договорот за постепено намалување на глобалното производство на CFC до 2010 година. Вознемирувачкото оживување на хемикалијата најверојатно ќе доведе до меѓународна истрага за проноѓање на мистериозниот извор. Засега се шпекулира дека производството на забранетата хемикалија најверојатно се одвива некаде во југоисточниот дел на Азија.

Клучни зборови:
Набљудувањата на озонската дупка од 1979 година до 2016 година

Набљудувањата на озонската дупка од 1979 година до 2016 година