Рубрика: Омнибус
Бидете безгрижни, на 23 април нема да се случи “крај на светот”
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 21.04.2018 - 21:30

Оваа опсесија за “крај на светот” повторно започна да се појавува во последно време на некои сајтови на порталот You Tube на интернет, но, таа нам веќе ни е добро позната од порано како неуспешна невистинита тенденциозна измислица, без никаква научна основа. Имено, “крајот на светот” досега беше неколку пати претскажуван, првата дата беше најавена за мај 2003 година.па бидејќи тогаш ништо не се случи, датумот беше презакажан за 2012 година, но и тогаш ништо не се случи, па датумот беше повторно презакажана за 23 септември 2017 година, но очигледно ниту тогаш ништо не се случи! Но, и покрај сите тие промашувања, заговорачите за “крајот на светот” никако да се вразумат, туку тие и натаму продолуваат да лансираат шарлатански измислици; па како најнов датум “за крајот на светот” сега го одредиле 23 април, оваа година!

Но, од каде им се на заговорачите таквите идеи за крај на светот? Сите наведени “пророштва” се базирани на наводен судир на нашата Земја со извесна “таинствена одметната” планета наречена Нибиру, измислена од страна на древните Сумери, а која заговорачите насилно ја внесле во денес актуелниот состав во нашиот соларен систем, и во даден момент таа ќе се судри со нашата Земја и тоа ќе биде “крај на светот”!. Меѓутоа, сите прикаски за крај на светот, па и оваа последната, се најобични бесмислици! Имено, ако би постоела таква голема планета, таа сигурно би можела да се види низ телескоп, а и со голо око, бидејќи би морала да биде веќе многу блиску до Земјата, со оглед на блискиот датум на “катастрофалната” средба. Како тоа никој од милионите астрономи-аматери не ја видел во својот телескоп, а да не збориме за професионалните астрономи на кои тоа им е работа?

Веста за нова откриена планета би била објавена во бројните научни списанија и медиуми, а не само на поединечни интернет сајтови благонаклони кон теориите на заговор.

Извесно е дека голем број луѓе ги следат сајтовите на интернет, но за жал грото од нив не се во состојба критички да се постават кон содржината на такви шарлатански измислици, па кај нив се појавува загриженост за судбата на нашата планета, Земја! Но, ним им порачуваме; “бидете безгрижни, никаков крај на светот нема да се случи на 23 април оваа година”! Имено, вистинската наука е категорична дека, ниту една научна опсерваторија не идентификувала никаква таинствена, па згора на тоа и “одметната” планета во нашиот сончев систем, па нема никаква основаност за опасност од некаков наводен судир којшто би значел крај на светот!

Затоа бидете безгрижни, никаков крај на светот нема да се случи на 23 април оваа година!