Рубрика: Аудио и видеотехника
SONY A9G/AG9 – совршена слика во секој детаљ
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 19.07.2019 - 17:00

Уште на самиот почеток од оваа година на CES 2019 во Лас Вегас, SONY го претстави новиот модел на телевизор A9G OLED, кој уште на прв поглед, од многу аспекти, изгледа различно од A9F. За почеток, моделите од 77, 65 и 55 инчи стојат сосема исправени, за разлика од малиот наклон наназад карактеристичен за моделот A9F. Освен тоа, телевизорот изгледа многу потенок, веројатно поради недостатокот на потпорната нога присутна кај A9F и постолјето коешто е поконвенционално, во вид на централно монтиран и метален држач.

За моделите A9G/ AG9 и A8G/ AG8, Sony разви нов висечки држач, којшто овозможува телевизорот да се вклопи прилично блиску на вашиот ѕид. При поставувањето на телевизорот, држачот нуди можност за ротација од 180°, со што поудобно и лесно се нагодува аголот на гледање. Сите овие мали детали би изгледале неважни ако трошите неколку илјади денари за набавка на нов телевизор, но кога станува збор за уред што чини неколку илјади евра, овие навидум неконвенционални избори при дизајнот чинат огромна разлика.

Ако во поглед на дизајнот има повеќе новини, кога станува збор за квалитетот на сликата, A9G го користи истиот основен OLED панел како неговиот претходник, и, уште поважно, истиот извонредно моќен X1 Ultimate процесор.  А зошто би ги менувале, барем засега. Нивната комбинација овозможува уште поголема живост на боите, поефикасно зголемување на резолуцијата на 4K за извори под овој стандард, подобро справување со приказот на сенки и црни нијанси и уште многу други функции, сè со цел на создавање слика колку што е можно поблиска со онаа на BVM-X300, професионалниот OLED мастеринг монитор од Sony.

Демонстрациите на A9G/ AG9 во темна просторија покажале дека приказот на фотографиите е подеднакво добар како и кај A9F. Црните нивоа, на пример, се извонредно богати и длабоки, а истовремено содржат суптилни детали и нијанси што изостануваат кај многу од нивните OLED ривали. Извонредното богатство на бои и нивната полност е токму онаа суптилна нијанса и префинетост којашто во светот на ТВ-уредите ги двои хероите од губитниците. Моаре ефектот со којшто мака мачат голем дел од телевизорите со висок динамички опсег, тука е сведен на нула. Отсуствува дури и кај многу темни сцени и при постепеното бледнеење до црно, кадешто ваквите проблеми најмногу и најчесто се појавуваат и доаѓаат до израз.

Нивото на детали е високо и останува такво дури и при движење во рамката. Аголот на гледање е извонреден, што е вообичаено кај OLED телевизорите, а разновидните модели за тестирање и приказот на снимки направени во истиот момент, во живо, досега покажале дека A9G е целосно ослободен од појавата на вертикално прекршување на светлината и неконзистентност во приказот на бојата коишто понекогаш (читај честопати) се присутни кај другите OLED телевизори.

Оваа импресивна униформност на приказот Sony ја припишува на начинот на којшто го калибрира секој од OLED телевизорите од Мастер серијата на хардверско ниво на панел, пред тој да ја напушти фабриката.

Ако сликовните карактеристики на A9G се речиси исти со оние на A9F, во поглед на звукот работите стојат сосема поинаку. Промената на надворешниот дизајн, во поглед на отстранувањето една ногарка како и потенката линија, повлекле и реконфигурација на звучниците. Уникатниот пристап на Sony за побудување на екранот и негово вметнување во улогата на извор на звукот кај телевизорот преминува од триканална реализација кај A9F уредите, во двоканална кај А9G/AG9, и сега се нарекува Acoustic Surface Audio +.

Во обид да испорача ист динамички опсег на звукот и покрај помалиот габарит, Sony ги редизајнираше и своите бас-драјвери за A9G/AG9. Локализацијата на звукот, оној чуден и извонреден начин на којшто звучните ефекти се чини дека се појавуваат од точниот дел од сликата од кадешто треба да доаѓаат, а не од некој дислоциран звучник под екранот, функционира беспрекорно.

Иако А9G не носи некој особен револуционерен напредок во OLED технологијата, уредот секако дека заслужува внимание бидејќи тоа е врвот на сегашната технологија. Но, ако иновациите не се директно воочливи, можете да ги насетите секогаш кога ќе го свртите погледот кон тенкиот дисплеј, потонувајќи во длабочината на боите и звукот.

За купувачите во Македонија, овој месец Sony има специјална понуда – со секој купен 65-инчен телевизор A8G/AG8 и A9G/AG9 добивате подарок, држач за монтирање на ѕид. Понудата е валидна до крајот на месец јули, така што побрзајте.

Клучни зборови: